Она што е интересно за оваа памучна торта е тоа што може да ја јадете самостојно или да ја филувате. Првично овој рецепт е наменет за бисквит за торти кој треба да се филува, но кога првпат го подготвив толку многу ни се допадна што го изедовме дома без крем. Кората е многу мека и сочна, не сум пробала ваква досега. Тајната е во нејзината постапка за приготвување, која е поразлична од останатите бисквити за торта.




Важно е кората да се пече во калап кој треба да биде помал, за тортата да излезе повисока. Можете да ја поделите на два или три еднакви делови и да ја филувате со чоколаден крем, но и не мора, многу е вкусна и без крем. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца (се одвојуваат белките од жолчките), 80 г брашно, 25 г какао, 130 мл млеко, 65 мл масло за готвење, прстофат сол и 110 г шеќер. ПОСТАПКА: Јајцата и млекото треба да бидат отстојани минимум 1 час на собна температура. Во два подлабоки садови одвојте ги белките од жолчките.




Белките покријте ги со проѕирна фолија или прво изматете ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот додека да се растопи во белките. Јас шеќерот го додавав на три наврати. Белките е потребно да се матат со постепено зголемување на брзината на миксерот, додека да се формира цврст шам.




Во едно тенџере ставете го маслото за готвење. Ставете го тенџерето на рингла која треба да биде вклучена на ниска температура и почекајте малку маслото да се загрее. Настрана измешајте ги брашното и какаото. Кога маслото ќе се загрее, оваа сува мешавина просејте ја низ сито во маслото и измешајте со кујнска жица додека да се формира темна чоколадна структура. Внимавајте да не ви загори.




Во тенџерето постепено додавјте ги жолчките, една по една и посолете со прстофат сол, па добро измешајте. Треба да се формира густа смеса која ќе почне да се соединува како тесто. Оваа смеса разредете ја со млекото. Повторно промешајте, а млекото додавајте го на двапати за да избегнете формирање на грутки.




Непрекинато мешајте додека сите грутчиња да се разбијат. Кога ќе се направи чоколадна смеса, тргнете го тенџерето од рингла. Ако не сте ги изматиле претходно белките, направете го тоа сега. Земете една полна лажица од снегот од белки и додајте во чоколадната смеса и измешајте добро со лажица или шпатула.




Потоа целата чоколадна смеса прелијте ја во пената од белки и соединете во еднолична смеса со нежно мешање, додека да се формира еднолична смеса. Во еден помал, квадратен или кружен калап обложете хартија за печење која ќе се издигнува во висина, не ја пресекувајте каде што завршува обрачот од плехот.




Хартијата треба да биде доста висока бидејќи тортата ќе расте, како тесто. Доколку користите квадратен калап димензиите треба да бидат 16,5х16,5 см, а за кружен дијаметарот треба да биде што помал. Излејте ја смесата во калапот и протресете го малку калапот за да излезе акумулираниот воздух од дното. Добро израмнете ја смесата во калапот на површината.




Ставете го калапот во голем плех наполнет со топла вода и ставете на печење во претходно загреана рерна на 150 степени, околу 1 час. Печете на најдолната решетка во рерната. По печењето оставате малку тортата да се излади.




Оваа торта може да ја јадете веднаш или да ја поделите напречно на 2 или 3 еднакви делови и секој дел да го филувате со некој крем, а може и одозгора да прелиете со чоколадна глазура. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.