За сите љубители на орео бисквитите и чоколадото. Иако не делува, тортата е доста слатка и тешка, заситува. Ова е единственото парче кое остана од тортата, не е многу репрезентативно, но ќе ми извинете : – )

Потребни состојки за кора:

2х175 г орео бисквити

100 г путер

За фил:

350 мл слатка павлака

400 г кисела павлака

100 г шеќер

200 г чоколадо

За глазура:

150 г чоколадо

150 мл слатка павлака

Постапка:

Растопете го путерот. Раздвојте ги орео бисквитите со нож, извадете го белиот фил во еден сад, а остатокот од бисквитите сомелете ги.

Во мелените бисквити додадете го растопениот путер и убаво промешајте.

Врз тацната од калап за торти (26 см) истресете ја содржината и со рака убаво притиснете да се добие рамна кора – подлога за тортата.

На тивко или на пареа или во микробранова печка растопете го чоколадото.

Во белиот фил кој го отстранивте од биксвитите додадете кисела павлака и шеќер во прав, па убаво со миксер изматете.

Посебно изматете ја слатката павлака во шлаг, па додадете ја во киселата и соединете.

орео торта

Потоа додадете го растопеното чокоалдо кое не мора да се лади и повторно убаво иматете.

Целиот фил истурете го врз кората, израмнете па ставете во фрижидер на половина час за да се стегне пред нанесување на глазурата.

За тоа време загрејте 150 мл слатка павлака, да биде врела ама да не е зовриена, па прелијте преку искршеното чоколадо. Мешајте додека да се добие глазура.

Чоколадната глазура прелијте ја преку филот, малку протресете за насекаде убаво да се распореди, па вратете во фрижидер на ладење, неколку часови или најдобро преку ноќ.

Потоа, само поминете со влажен и тенок нож околу обрачот, па отстранете го. Декорација не е потребна, но секој може нешто да си стави по свој вкус.