Чоколадна фанурија – едноставен и вкусен рецепт за празникот на Свети Фануриј
Овој рецепт за чоколадна фанурија е создаден со многу љубов и инспириран од желбата да се сподели едноставна, а сепак вкусна верзија на традиционалниот колач за желби.
Совршен за празникот на Свети Фануриј, овој колач од девет состојки се подготвува брзо и лесно, а носи топлина и добра мисла во секој дом.
Подгответе го со искрена желба и споделете го со најблиските за благослов и среќа!
Потребни состојки (за помал колач):
– 2 чаши сенаменско брашно
– 1 лажичка сода бикарбона
– 1 кесичка ванилин шеќер
– 1/2 чаша шеќер
– 1 чаша вода/сок од портокал/фанта/кока кола
– 1/3 чаша масло
– 50 г суво грозје (отстојано 10 мин во сокот)
– 50 г сечкани ореви/бадеми/лешници
– 3 полни лажички какао


Постапка:
1. Во длабок сад измешајте ги сите состојки: брашно, сода бикарбона, ванилин шеќер, шеќер, вода, масло, суво грозје, сечкани ореви и какао.
Мешајте додека смесата стане хомогена. Според традицијата, додека мешате, повторувајте ја вашата желба трипати со добра мисла.
2. Смесата префрлете ја во мала тава (препорачливо со пречник од 24 см) претходно намастена или обложена со хартија за печење.
3. Загрејте ја рерната на 200 степени Целзиусови. Кога ќе ја ставите тавата во рерна, намалете ја температурата на 180 степени и печете 35–40 минути, во зависност од јачината на рерната.
Проверете дали колачот е готов со чепкалка – ако излезе сува, колачот е испечен.
4. По желба, колачот украсете го со сечкани ореви. Послужете го со добра мисла и уживајте во празничниот момент!
Напомена:
Колачот фанурија се подготвува по повод празникот на Свети Фануриј, кој се одбележува на 9 септември.
Според народното верување, овој колач од девет состојки помага во исполнување на желбите.
Традиционално, колачот се носи во црква заедно со свеќа и малку црвено вино, каде што се благословува, а потоа се крши со раце и се раздава на верниците, семејството и пријателите.
Додека го месите, молете се за благосостојба, мир и среќа во вашиот дом.




































