Колачињата се супер и многу се вкусни, може да ги правите и со ореви. Се послужуваат со чај, кафе или едноставно како вкусна закуска додека одморате…

Се приготвуваат од многу малку состојки, а излегуваат навистина доста. Во тестото не се става прашок за печиво.

Потребни состојки:

125 г путер
1 јајце
150 г шеќер во прав
150 г лешници/ореви/бадеми
300 г брашно
50 г шеќер во прав за валкање

Постапка:

Во еден сад ставете 125 г путер исечкан на коцки и омекнат на собна температура, додадете едно јајце и 150 г шеќер во прав, па со рака замесете ја смесата додека да се изедначи.

Потоа додадете 150 г мелени лешници и 300 г брашно, па продолжете да месете додека да добиете ровко тесто кое лесно се обликува.

На набрашнета површина тестото формирајте го во топка, малку со дланките исплескајте го, а потоа со помош на оклагија развлечете кора.

Со помош на капаче или ракиена чаша вадете мали тркалца и редете ги во плех обложен со хартија за печење.

Остатокот од тестото повторно соединете го и развлечете кора од која ќе вадите со модла форми по ваша желба, сè додека да ви се потроши целото тесто. Исто така, можете да направите тенки ваљачиња и да ги сечете на помали парчиња.

Печете во загреана рерна на 200 степени, 15 минути додека малку да заруменат. Додека се уште топли валкајте ги во шеќер во прав. Деталите може да ги погледнете во видеото:

https://youtu.be/Neg0yXnAYZI