Одлични, проверен рецепт!
Потребни состојки: 600 г брашно, 20 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 150 г путер, 150 мл млеко, 150 мл густ јогурт или кисело млеко и 1 јајце. За фил: чоколадо или нутела + 1 јајце за премачкување – за слатка варијанта. Сирење, кашкавал, шунка… + 1 јајце за премачкување – за солена варијанта
Постапка: Разматете го квасецот во половина шолја топло млеко со лажичка шеќер и брашно. Оставете некое време на топло да се активира квасецот.
Измешајте го брашното, солта, активираниот квасец, додадете растопен путер на собна температура (исечкан на коцки), едно јајце, јогурт (или кисело млеко) и преостанатото слатко млеко.
Ако е потребно додадете уште малку брашно, замесете средно меко тесто и оставете да одмора околу половина час.
Тестото потоа развлечете го во правоаголник и исечете на поголеми правоаголници со должина од 6-7 см. На средината од тестото ставете малку сечкано чоколадо или лажица нутела, за слатка варијанта, или сирење за солена варијанта.
Правоаголничињата виткајте ги како ролатчиња, премачкајте ги со јајце и наросете со сусам или нарендајте малку кашкавал одозгора.
Оставете околу 10-15 минути да одморат додека се загрева рерната, па печете на 200 степени околу 20-25 минути.
Слатките кифлички наросете ги со шеќер во прав и послужете ги со кафе или чај, а солените со јогурт или кисело млеко за појадок или вечера.