Многу лесно се подготвува, месото се пропржува, и после се редат корите, се премачкува и се става на печење. Оваа пита ја правам со години, и секогаш излегува многу вкусна.

Иако се пече 40-тина минути, постапката за подготовка ќе ви одземе 10 минути, така што може да ја приготвувате секој пат кога немате ручек, или едноставно ќе ви се појави некој ненадејно на врата. Најубава е за јадење додека е топла. Еве што ви е потребно, а во продолжение прочитајте уште еден рецепт за пита со компири:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г готови кори за пита, 1/2 поголема главица црвен кромид, 400 г мелено месо, 1 лажица вегета, 1 лажичка црн пипер. ЗА ПРЕЛИВ: 4 јајца, прстофат сол и црн пипер, 100 мл минерална вода и 100 мл млеко.

ПОСТАПКА: Најпрво се лупи црвениот кромид и се сече на ситни коцки. Во тавче на малку загреано масло се става кромидот да се пропржи. Кога малку ќе омекне, се додава меленото месо, се соединува со кромидот и се динста додека да добие убава боја.

Потоа, се зачинува по вкус, со зеленчуков сув зачин (вегета) и црн пипер и се остава да се испржи. Се трга настрана и се започнува со редење на корите. Во малку намастен плех се редат 4 кори како подлога и секоја од нив се премачкува со масло.

Јас користев помал плех и корите ги превиткував двојно, така што како подлога имав 8 кори, но моите се многу тенки. На намастената четврта кора се става 1/3 од меленото месо и добро се распоредува.

Потоа се редат уште 3 кори, секоја премачкана со масло, па се става уште 1/3 од месото. На крајот се реди една кора и се распоредува преостанатото месо, па питата се завршува со редење на уште 3 намастени кори.

Потоа на питата се прават пресеци, односно се сече на поголеми коцки пред да се залее со преливот и да се стави на печење.

Подготовка на преливот: Во подлабок сад додајте ги јајцата, зачините, минералната вода и млекото. Сите состојки соединете ги и течноста излејте ја врз питата. Не се секирајте доколку ви изгледа дека има премногу прелив бидејќи питата за време на печењето ќе си апсорбира од течноста помеѓу секоја кора.

Питата се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 40-тина минути. Најдобро е питата да се јаде топла, но не веднаш извадена од рерна туку да се почека барем 5 минути, малку да подизлади покриена под кујнска крпа.

Питата е многу вкусна, а не одзема многу време за подготовка. Ја правам секогаш кога немам дома ручек и ми треба нешто вкусно, брзо, а сепак здраво. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ-ВТОР РЕЦЕПТ (пита со компири): 1 пакување (250 г) лиснато тесто, 5-6 компири со средна величина, 100 г шунка по избор, 100 г фета сирење, 100 г кисела павлака, 2 јајца, 100 г кашкавал, 100 мл млеко, по потреба сол, црн пипер, босилек.

ПОСТАПКА: Компирот да се свари, но не до крај, до половина, па да се исече на тркалца и да се зачини по потреба. Лиснатото тесто развлечете го на околу 26 см широчина, ставете го во калап 22 см обложен со хартија за печење, израмнете, а ивиците подигнете ги покрај ѕидовите на калапот.

Преку тестото ставете половина од количината на шунката исечена на тенки листови. Преку шунката наредете околу третина од компирите, а потоа и фета сирењето исечено на листови.

Ставете го и вториот дел од компирите, втората половина од шунката, може и малку панцета, фета и третиот дел од компирите. Изматете ја павлаката заедно со јајцата и млекото, посолете и прелијте го компирот.

Одозгора изрендајте кашкавал и префрлете ги ивиците од лиснатото тесто да се затвори питата. Печете на 200 степени околу 45 минути или пробо-дете со н ож и проверете дали компирот е печен. Послужете топло.