Иако можеби се чини за многу едноставна, бидејќи се приготвува само од три состојки, сепак ова јадење е нешто што секој мора да го проба зошто има предобар вкус. Уште се нарекува и „шпанска тортиља“ или „омлет со компири“, а постапката за приготвување е лесна и едноставна.




Ова јадење е одличен избор за појадок и вечера, може да се послужи и како прилог, но и како главно јадење. Компирот е една од омилените и најчесто употребувани намирници на нашето поднебје. Се користи и за слатки, но и за солени деликатеси. Пробајте ја „шпанската тортиља“, нема да се покаете.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3-4 компири, 6-8 јајца, 1 голема главица кромид, 1-2 чаши екстра девствено маслиново масло (длабоко масло, но може и обично масло), сол по вкус




ПОСТАПКА: Главицата кромид излупете ја и исечете ја на месеченки, а потоа исечете ги и компирите, исто така, на тенки парчиња. Ставете ги да се пржат во загреано масло на умерена температура.




Потребно е да ги пржите во длабоко масло за да можат и компирот и кромидот убаво да карамелизираат. Шпанците за оваа намена користат девствено маслиново масло, околу половина литар, кое потоа не го фрлаат и повторно го користат за приготвување на некое друго јадење.




Во длабок сад скршете ги јајцата (од 6 до 8 во зависност од нивната големина, но и од големината на компирите. Обично се користат 2 јајца на 1 компир). Кога компирот ќе омекне и ќе зарумени, со лажица цедалка извадете ги од маслото и врели ставете ги во јајцата.




По потреба, може да користете и цедалка која сте ја обложиле со хартија за впивање, но нема потреба. Брзо промешајте за да се загреат јајцата, без притоа да се сварат. Посолете по вкус.




Убаво изматената смеса покријте ја со алуминиумска фолија и оставете да одмори 15 минути. По изминатото време ќе забележите дека јајцата не се повеќе течни, туку дека згуснале.




Подгответе нелеплива тава и загрејте ја на умерен оган. Излејте ја приготвената смеса и печете една минута на највисока температура, а потоа уште 2-3 минути на умерена температура.




Со помош на рамна чинија превртете ја тортиљата и со лизгање вратете ја повторно назад во тавата. Повторно печете една минута на најсилен оган и уште 2-3 минути на умерен оган.




Шпанската тортиља обично се послужува на собна температура. Затоа, почекајте малку да излади, па дури потоа сечете ја и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.