Постојат многу рецепти за пита со готови кори и секој е најдобар на свој начин, но откако ќе го пробате овој, ќе знаете дека веројатно сте го пронашле вистинскиот. Оваа пита лесно се приготвува а крајниот резултат не се разликува многу од питите со домашно развлекувани кори.

фотографија на Рената Трајчевска

Потребни состојки: 500 гр готови кори, 1 квасец, 200 г газирана вода или млеко, 2 јајца, 8 супени лажици брашно, 1 филџан масло за јадење

Потребни состојки за фил: 500 г спанаќ, 250 г сирење, сол по вкус во зависност од сирењето. По желба спанаќот може да се замени со зелка, месо, печурки, праз итн.

печурките исечајте ги на ленти
издинстајте ги додека да испари течноста
запржете го и спанаќот за да омекне
додајте и малку ориз по желба
оставете на страна да се олади
па додајте крем сирење

Постапка за приготвување на преливот: оставете го квасецот да стаса со малку шеќер и брашно. Потоа во него додајте ги маслото, млекото или водата, јајцата и брашното. Промешајте додека да добиете мазна и изедначена смеса без грутчиња. Потоа пригответе го филот по ваш избор.

пригответе го преливот

Спанаќот кратко избланширајте го. Печурките запржете ги додека да испари течноста од нив. Ако додавате праз, тогаш и него кратко пропржете го. Откако ќе го приготвите филот, отворете ги корите. Пребројте ги корите и поделете ги на купчиња од по три или четири кори за секој ролат.

филувајте ги корите

Според тоа колку ролати ќе имате, рамномерно распоредете го филот. Секоја кора се премачкува со преливот. Врз неа се става друга кора и се премачкува со преливот. Се става трета кора и се повторува постапката и се филува. Корите внимателно се виткаат во форма на ролати.

премачкајте ги со преостанатиот прелив и ставете да се пече

Постапката се повторува додека да се потрошат корите и материјалот. Ролатите се редат во тавчето и се преливаат со остатокот од преливот. По желба одозгора се поросува со сусам, ким и др. Се пече 25 до 30 мин во претходно загреана рерна на температура од 200 степени.

фотографија на Рената Трајчевска

Ролат пита со месо од готови кори, многу вкусна, мека и следниот ден

Оваа пита е многу мека, сочна и не е многу масна што е вообичаено за питите од месо. Многу е вкусна, а и следниот ден останува мека.

Потребни состојки: 500 г кори за пита, 600-700 г мелено месо мешано, 2 главици кромид, масло за да се запржи месото, сув зачин, црн пипер, сол по вкус

За премачкување: 4 јајца, 200 мл млеко, 200 мл јогурт, 100 мл масло, 1 чаша од 200 мл брашно, 1 прашок за печиво

Постапка: во подлабок сад јајцата изматете ги, па додајте млеко, јогурт, масло, лажичка сол, брашно и прашок за печиво. Убаво соединете да нема грутчиња, па оставете да отстои додека го приготвувате филот од мелено месо.

потребни состојки

Во тава ставете малку масло, сол и ситно сечкан кромид. Кога малку ќе се запржи кромидот додајте го меленото месо, па со виљушка иситнете го. Посолете го месото, па зачинете го со црн пипер и сув зачин (вегета) или по вкус и убаво запржете додека да испари течноста и да добие убава боја.

Отворете ги корите и избројте ги, би требало да бидат 16 на број. Поделете ги на 4 купчиња по 4 кори, односно ќе добиете 4 ролати. Трите кори се премачкуваат со приготвениот прелив, а врз четвртата кора се става фил од месо.

Секоја кора се премачкува преку целата површина со 4-5 лажици од преливот. Филот од месо поделете го на 4 дела, за да имате доволно и рамномерно да го распоредите. Откако ќе го нанесете врз 4.кора, свиткајте го внимателно ролатот.

Вака приготвените ролати наредете ги во плех обложен со хартија за печење, а одозгора премачкјате ги со остатокот од преливот и наросете со сусам. Оставете малку да отстојат додека се загрева рерната на 200 степени. Ставете да се печат во претходно загреаната рерна околу 20 минути.