Оваа торта практично кажано се топи во уста. Таа е број еден во нашата фамилија и со децении се прави во нашето семејство. Без разлика на поводот, тортата ни е омилена закуска после ручекот. Одлично се комбинира со топло кафе и се прави за кратко време.




„Многу е нежна и сите ги освојува уште со првиот залак. Секогаш ме вади од ненадејни ситуации кога треба да направам нешто благо“, вели Александра од каналот „Мојата мала кујна“ и додава: „Ќе ја правите речиси секој ден бидејќи е многу вкусна. Не ви треба искуство за да ја направите, кај сите успева.“ Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВАТА: 300 г бисквити, млеко, 400 г крем сирење, 50 г шеќер во прав, 300 мл шлаг. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КАРАМЕЛОТ: 180 г шеќер, 3 лажици вода, 200 мл слатка или обична павлака, 20 г путер и малку сол.




ПОСТАПКА ЗА ПОДГОТВУВАЊЕ НА ОСНОВАТА: Во еден подлабок сад ставете го крем сирењето, па додајте 50 г шеќер во прав и лесно промешајте до соединување. Во друг сад изматете го шлагот (подгответе го според упатството на кесичката) додека да се формира конзистентност како цврст крем.




Шлагот додајте го во крем сирењето и соединете во еднолична и кремаста смеса. Ставете во фрижидер, да се стегне, додека го подготвувате карамелот, а настрана подгответе си ги и бисквитите. ЗА КАРАМЕЛОТ: Во едно нелепливо тавче на рингла, вклучена на ниска температура, ставете го шеќерот и додајте 3 лажици вода.




Кога шеќерот ќе почне да се растопува, лесно промешувајте додека да потемне, но внимавајте да не ви загори, затоа треба да се готви на ниска температура. Во карамелот додајте ја павлаката (јас користев неутрална) и со повремено мешање, соединете во фин, едноличен крем. Додајте прстофат сол, пред крајот и 20 г путер, промешајте, па тргнете од рингла и оставете да се олади.




Бисквитите натопувајте ги во млеко и редете ги во еден среден огноотпорен сад. Може да користите обични или чоколадни бисквити. Кога ќе наредите еден ред од бисквитите, прелијте со еден дел од белиот крем и распоредете. На овој начин подгответе 3 слоеви бисквит и бел крем, а одозгора прелијте го карамелот.




Распоредете го карамелот рамномерно врз површината, па ставете го садот во фрижидер да се стегне тортата неколку часа. Потоа пресечете на коцки и послужете. Обично првото парче секогаш излегува неуредно, но за овој колач, не е важно, бидејќи е превкусен, кажува Александра и додава:




Јас обично не ги сакам овие колачи кои се подготвуваат набрзина, измати и намачкај. Јас сум човек што сака да се посвети на десертите со часови. Но, откога го пробав овој колач, можам да кажам од искуство дека е вистинско совршенство. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.