Му благодариме на Том Филос за прекрасните рецепти што ги споделува со читателите на НМД.мк. Неговиот рецепт за погача со кашкавал, мека како душа, го приготвија нашите драги членки Елица Павлоска и Александра Шуманова, и ги споделија нивните фотографии од приготвените погачи..

Фото: Александра Шуманова

Еве и јас ја направив погачата со кашкавал по рецептот на Том Филос, преубава е, секоја чест (не можам да ви опишам колку е мека) – ги сподели своите впечатоци Александра Шуманова во заедничката група НМД рецепти. Погачата – мора да признаеме дека е одлична.

Според рецептот на Том Филос, браво мајсторе, млад човек со врвни рецепти. Додека не го испробав рецептот, не сакав да коментирам – заклучува Елица Павлоска. Во продолжение прочитајте го рецептот и постапката за приготвување на оваа вкусна погача.

Потребни состојки: 200 мл топло млеко, 10 г сув квасец, 1 јајце, 100 мл масло, 100 мл млака вода, 700 г брашно, 1 лажичка сол и уште: кашкавал за полнење, 1 жолчка + 2-3 лажици млеко за премачкуавње одозгора.

Фото: Елица Павлоска

Постапка: Во поголем сад измешајте 200 мл млако млеко, 10 г сув квасец (една кесичка), едно јајце (претходно оставено на собна температура), 100 мл масло за јадење и 100 мл млака вода.

Сите состојки измешајте ги, а потоа започнете постепено да додавате 700 г брашно. Матете со миксер за тесто, или со лажица, а потоа и со рака. Доколку месите рачно, овој начин на додавање на брашното е одличен, бидејќи секогаш ќе знаете уште колку треба да додадете.

Пред крајот додајте една лажичка сол. Месете додека да добиете мазно тесто кое не се лепи. Малку намастете го и оставете го покриено со проѕирна фолија да стасува 90 минути на собна температура. Откако стасаното тесто ќе ја удвои својата величина, истресете го на набрашнета работна површина.

Премесете го, формирајте топка, малку сплескајте ја со рацете и со помош на оклагија развлечете кора со димензии на тепсијата во која ќе се пече. Тепсијата убаво намастете ја со путер, па тестото префрлете го во неа.

Исечете го на коцки, покријте го со кујнска крпа и оставете да стасува барем половина час на собна температура за да стане воздушесто, меко и да го удвои волуменот. На секој засек наредете долгнавести тенки ленти кашкавал по ваш избор.

Пополнете ги сите празнини. Одозгора премачкајте ја погачата со претходно изматена жолчка со малку млеко. По желба ако сакате наросете ја со сусам, ленено семе, ким, чиа семе, црно семе или семки по ваш избор.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 25 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.