Првиот рецепт што ќе прочитате е за посен ролат со банани и бисквити, кој многу лесно се приготвува, за само 15 минути е готов, а количински го има доста, што е одличен за секакви свечени пригоди, особено за посни слави. Многу вкусен ролат, лесен и едноставен.

Потребни состојки: 100 г желе бонбони, 450 г посни бисквити, 350 мл вода, 150 г маргарин, 50 г чоколадо, 4 лажици какао, 100 г суво грозје, 2 лажици рум, 3 банани, 2-3 лажици сок од лимон, кокос.

Постапка: во подлабок сад искршете ги бисквитите на крупно (со рака), желе бонбоните исечкајте ги, сувото грозје измијте го во вода и прелијте го со рум малку да набубри.

Во сад на оган ставете вода, посен маргарин и посно чоколадо да се растопат, па додајте го какаото и мешајте со лажица додека да се соединат состојките. Тргнете го садот од оган и додајте го набубреното и исцедено суво грозје, сечканите бонбони и кршените бисквити.

Сето добро промешајте да се соедини. На испружено парче фолија наросете малку кокосово брашно, па истурете ја топлата смеса по целата должина, да биде 40 см. Рамномерно распоредете и израмнете да добиете правоаглеста кора.

По целата должина во средината наредете банани кои претходно сте ги излупиле и полиле со лимонов сок за да не потемнуваат, па внимателно свиткајте во ролат со помош на фолијата и оставете да се стегне во фрижидер.

Потоа можете да го декорирате по ваша желба, со посен шлаг, чоколадна глазура, овошен сируп… Прочитајте го и следниот рецепт за брз ролат со банани, но приготвен со јајца:

РОЛАТ КОЈ БРЗО СЕ ПРИГОТВУВА, А УШТЕ ПОБРЗО СЕ ИЗЕДУВА

Потребни состојки за бисквит: 6 јајца, 6 супени лажици шеќер, 6 супени лажици брашно, на врв од лажичката прашок за печиво. За крем: 2 кесички леден десерт со вкус на ванила и 400 мл ладно млеко. Потребни состојки за фил: 4 банани

Постапка: одвојте белките од жолчките, а во белките ставете три лажици шеќер па пенасто измиксајте ги додека шеќерот да се растопи и да добиете цврст снег кој не паѓа од лажицата.

Во жолчките исто така додајте три лажици шеќер, па измиксајте ги додека да згуснат и да побели смесата. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени со вентилатор. Постепено додајте ги жолчките во снегот во белки.

Промешајте, па додајте го брашното и прашокот за печиво. Матете на најмала брзина или со лажица додека да се изедначи смесата. Олехот обложете го со хартија, па рамномерно распоредете ја смесата и израмнете со шпатула.

Рерната намалете ја на 180 степени, па печете го бисквитот 10-12 минути. Кога ќе се испечи, оставете го на страна да се олади, па потоа превртете го и внимателно отстранете ја хартијата.

Измиксајте го ледениот десерт со млекото (според упатството од кесичката) додека да добиете крем и оставете го во фрижидер додека бисквитот да се олади. Половина од бисквитот истресете го врз кората и рамномерно премачкајте.

Наредете ги бананите од едната страна, паралелно во два реда. Свиткајте во ролат. Остатокот од кремот премачкајте го врз ролатот и по желба украсете со чоколадни или шарени трошки. Оставете во фрижидер да се олади и стегне. / Љубичица / Сооlinarika.com