Ова е една од повеќето варијанти за колач од крем и бисквити, но овој рецепт се разликува од другите по тоа што воопшто не се забележува дека кремот е направен од најобични состојки. Кога имав гости минатиот месец, сите ми го пофалија колачот и ми рекоа дека пак ќе дојдат некој ден за да им направам. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ (ПРВ РЕЦЕПТ): 5 јајца, 1 ванилин шеќер, 100 г шеќер, 100 мл масло, 150 г брашно, 2 мали лажички прашок за печиво, 3 лажици какао. ЗА КРЕМОТ: 1 литар млеко, 100 г шеќер, 2 пудинзи од ванила, 2 лажици густин, 50 г кокос, 100 мл млеко, 1 кесичка шлаг.

ПРВ РЕЦЕПТ

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 600 мл вода/млеко, 4 полни лажици шеќер, 2 кесички (од 37 г) пудинг од кокос или ванила или некој овошен, 120 г путер, 100 г маскарпоне или друго кремасто, несолено сирење, 100 г кекси за кора, 110 г кекси за фил, 30 г кекси мелени за наросување одозгора.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во подлабок сад скршете 5 јајца на собна температура и изматете ги пенасто со миксер. Додека непрекинато матите со миксерот, постепено додавајте 100 г шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер и продолжете да матите додека шеќерот да се растопи во јајцата.




Во изедначената смеса додајте 100 мл масло и соединете ја целата смеса со миксерот. Низ сито, просејте 150 г брашно, измешано со 2 мали лажички прашок за печиво и 3 лажици какао. Откога ќе се додадат сувите состојки, постепено смесата се миксира на најмала брзина додека да се разбијат грутчињата и да се добие еднолична смеса.




Целата смеса се излева во намастен плех (или во него може да ставите хартија за печење) и добро се измазнува, па калапот се протресува од површината за да се ослободат меурчињата со воздух кои се акумулирани на дното. Колачот се пече во подолг, правоаголен калап за бисквитот да излезе потенок, па затоа се пече и пократко време.




Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, па кога ќе се загрее испечете ја кората околу 10-15 минути. По печењето оставете бисквитот малку да се олади, а за тоа време подгответе го кремот. ЗА КРЕМОТ: Во тенџере сипете 1 литар млеко и додајте 100 г шеќер. Промешајте со шпатула и почекајте да се загрее малку.




Потоа додајте ги двата пудинзи од ванила и 2 лажици густин. Малку промешајте, па додајте го кокосот, кога млекото ќе се загрее. Измешајте ја целата смеса повторно и продолжете со константно мешање додека да се направи фин, густ крем со конзистентност на пудинг.




Тенџерето тргнете го настрана и почекајте да се олади, покриено со проѕирна фолија за да не фати коричка. Во меѓувреме направете вдлабнатини од кората за кремот да продре помеѓу (како на сликата) кои може да ги вадите со капаче или модла. Остатоците изблендирајте ги.

Кога кремот ќе се излади, изматете го со миксер за малку да го разредите, па во него додајте уште 100 мл млеко, на собна температура и 1 кесичка шлаг. Измешајте во едноличен крем. Целата смеса се премачкува врз кората, а одозгора се декорира со изблендираните парчиња од бисквитот и се наросува малку кокос. Ставете го во фрижидер да се олади 4-5 часа.

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во едно тенџере сипете 600 мл вода (а кој сака може да стави млеко наместо вода). Додајте четири лажици шеќер и две кесички прашок за пудинг. Промешајте убаво со жица за матење додека да се изедначи, да нема грутчиња. Може да користите било каков пудинг со светла боја, по ваш вкус, да не е чоколаден, поради визуелниот изглед на колачот (кексите се темни, со какао).

ПРВ РЕЦЕПТ

Смесата ставете ја на оган, на умерена температура и постојано мешајте додека да згусне. Кога ќе се свари, во врелиот пудинг ставете 120 г путер исечкан на ленти. Промешајте додека тој да се растопи и соедини со пудингот. Кремот оставете го на страна да излади.




Калап со димензии 22х15 см обложете го со хартија. Бисквитите натопувајте ги во вода/млеко/сок (по вкус) и редете ги во два реда на дното на плехот (бисквити се потребни околу 100 г, тоа зависи од величината на калапот кој ќе го користите).

Во изладениот крем додајте крем сирење и убаво измешајте за да се изедначи. Потоа додајте кршени бисквити и уште еднаш промешајте со лажица. Филот рамномерно распоредете го врз кората од бисквити и израмнете. Одозгора може да наросите мелени/сечкани кекси или чоколадна глазура. Колачот изладете го добро пред послужување.

Деталите од постапката за првиот рецепт погледнете ги во видеото ОВДЕ, а за вториот рецепт ОВДЕ.