БРЗ КОЛАЧ СО ЈАБОЛКА И ОРЕВИ…ако сте за нешто брзо, фино и слатко…Ова е рецепт „на чаша” – за повеќето намирници количината ја одредувате „мерејќи” со чаша од 200 мл.
Го нарековме „брз колач“ затоа што многу брзо е готов и морам да признам дека не можевме да почекаме да се олади и глазурата на него да се стврдне, па го изедовме онака уште топол и мирисен…
Во старите готвачи овој колач можете да го најдете под називот „Сараевски колач“ и според изворниот рецепт врз него треба да се премачка пудинг-крем, но нам ни е превкусен и без тоа.
Каков е колачот после неколку дена не би можела да ви кажам, зашто кога и да го направам го изедуваме уште првиот ден. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки:
3 јајца
½ чаша шеќер
1 чаша пченичен гриз
½ чаша масло
½ чаша млеко
1 кесичка прашок за печиво
4 рендани јаболка
1 чаша мелени ореви или лешници
За глазура:
100 г чоколадо за готвење
3 лажици масло
Постапка:
Се матат јајцата со шеќерот додека да станат пенасти, а смесата густа и светла како крем.
Потоа постепено се додаваат останатите состојки. На крај со лажица со домешуваат мелените ореви и ренданите јаболка.
Се пече во намастен и набрашнет плех со средна големина на 180 степени околу 25-30 минути.
Печениот колач се прелива со чоколадна глазура, а потоа се остава глазурата да се стегне и излади.
Колачот може да се послужи и топол.