Едноставен и брз колач кој морате да го пробате. Има неверојатен чоколаден вкус во комбинација со бисквити и одлично се комбинира со кафе. Се подготвува за 20 минути, а може да го јадете топол, но уште повкусен е кога ќе се излади.

Излегуваат многу гриз коцки, но толку многу е вкусен што се изедува за 1 ден. Може да го подготвите кога ќе ви дојдат ненајавените гости, но и за ваше сладење. За некои состојки во колачот користев чаша од 200 мл. Еве што ќе ви биде потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г гриз (1 чаша), 200 г шеќер (1 чаша), 3 лажици какао, 1 литар млеко, 1 кесичка ванилин шеќер, 24 бисквити (во зависност од големината на плехот) и уште ќе ви биде потребно малку кокос за наросување.




ПОСТАПКА: во тенџере на рингла ставете го гризот, шеќерот и какаото. Со жица за матење промешајте ја смесата да се измешаат состојките меѓу себе. Потоа постепено започнете да го додавате млекото.




Мешајте постојано додека млекото да зоврие, за што ќе бидат потребни неколку минути. Откога млекото ќе зоврие продолжете да мешате и гответе уште 3 минути. Потребно е да добиете густа смеса. По изминатите 3 минути додајте го ванилиниот шеќер и повторно промешајте додека тенџерето е сè уште на рингла.




Откога ванилиниот шеќер ќе се соедини во смесата, тргнете го тенџерето од рингла и оставете го настрана да се подизлади. Во правоаголен плех, наросете кокос низ целата површина за да не се залепат бисквитите кои подоцна ќе ги наредите во него. Бидете претпазливи и потребно е насекаде во плехот да има доволно кокос.




Потоа започнете со редењето на бисквитите. Според мојата големина на плехот, потребни ми беа 24 бисквити вкупно. На долната површина наредив по 4 бисквити во вертикала и по 3 бисквити во хоризонталана, вкупно 12 бисквити. Истата постапка ја применив и подоцна во подготовката.




Редете ги бисквитите една до друга во плехот, а во зависност од големината ќе ви требаат повеќе или помалку бисквити. Претходно подготвениот фил прелијте го врз наредените бисквити. Исто така, ставив алуминиумска фолија од страните на плехот за да не се залепат бисквитите и филот од страните.




Фолијата ја свиткав како стапче и ја ставив помеѓу бисквитите и плехот. Овој процес не е неопходен, бидејќи колачот не се пече при подготовка. Распоредете го филот подеднакво низ целата површина на бисквитите. Измазнете на горната страна, а доколку колачот не е целосно изладен – не е страшно. Потоа повторете ја истата постапка со редење на бисквитите врз филот.




Единствена разлика е што овој пат, наредените бисквити треба малку да ги притиснете кон филот за подобро да се залепат и соединат сите делови. Вака приготвениот колач оставете го најмалку еден час да се излади во фрижидер. Потоа во чинија ставете го кокосот за наросување.

Откога колачот ќе се излади, со нож исечете ги парчињата колачи по големината на коцките. Кај мене излегоа 12 коцки гриз колач бидејќи толку собираше во плехот. Но, домашните толку многу го сакаат овој колач што понекогаш подготвувам по 2 плеха истовремено, бидејќи брзо се јаде.




Вадете една по една од коцките колач и валајте ги страните каде што се гледа преливот во кокос. Многу е вкусна комбинацијата од кекс, чоколадо и кокос, но по желба може да одберете и друга намирница за наросување. Сепак, кокосот одговара совршено во оваа комбинација и го разбива вкусот на колачот.




Редете ги коцките колач во чинија и на крајот послужете. Колачот може да се јаде додека е сè уште топол, но поубав е кога е изладен. Иако изгледа превкусно и нема да можете да му одолеете, сепак почекајте да се излади за уште поголемо задоволство. Колачот се подготвува за 20 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.