Овој колач е многу нежен, многу вкусен. Оригиналниот рецепт се прави како торта во калап 26 см, или како коцки 20х33 см. Јас го развлеков на поголем колач од калап 34х34 см и верувајте, ќе уживате во неповторливиот вкус.

Потребни состојки – За кора х 3 потребно: 4 белки од XXL јајца + прстофат сол, 100 г шеќер, 45 г остро брашно, 30 г скроб, 1 лажичка прашок за печиво, 1 лажичка оцет, 1 лажица рум и 80 мл масло

За третата, какако кора се одземаат 10 г скроб и се додава 30 г екстра темно какао во прав и 2 лажици рум.

За бронхи крем: 1 литар млеко, 100 г бело чоколадо, 200 г Бронхи бонбони, 2 ванилин шеќер, 100 г остро брашно, 100 г скроб, 150 г омекнат путер, 300 мл слатка павлака, 4 листови желатин. За третина од кремот: 70 г чоколадо за готвење

Чоко глазура за белите кори: 170 г чоколадо за готвење, 70 г путер и 3 лажици сончогледово масло. Завршна чоко глазура: 230 г чоколадо за готвење, 9 лажици сончогледово масло, 2 лажици течен мед (агација)

Постапка: Ќе ви опишам многу детално до ситници, зошто верувам дека единствено добар рецепт е оној кој е добро опишан. Па да започнеме. Прво се готви кремот: од млекото одвојуваме 200 мл, а остатокот го загреваме заедно со бронхи бонбоните, белото чоколадо и ванилин шеќерот.

Се меша додека сите состојки да се растопат, а потоа го додаваме кремот со скробното и острото брашно кои сме ги растопиле во оние 200 мл млеко. Ќе ви биде полесно ако претходно малку го загреете колку да биде млако. Сварете густ крем, префрлете го во друг сад, прекријте го со проѕирна фолија, лесно со раката притиснете и оставете добро да се излади.

За кора: прво обложете го плехот со хартија за печење. Изматете цврст снег од белките со малку сол, додадете шеќер и матете додека тој да се растопи и снегот да стане уште поцврст.

Потоа додадете двапати просеано остро и скробно брашно помешани со прашок за печиво. Се меша со лажица или жица внимателно додека да се изедначи, а смесата да остане пенлива.

На крај се додава масло во тенок млаз, па оцет и рум. Со лажицата внимателно се размешува и веднаш со шпатулата се размачкува врз хартијата. Се става да се пече во загреана рерна на 150 степени. Внимавајте да остане кората светла! Повторете ја постапката уште еднаш, да добиете бела кора. Во третата кора додадете какао просеано заедно со останатите прашкасти состојки, а понатаму постапката е иста.

Од двете бели кори внимателно отстранете ја хартијата. Првата ставете ја врз тацната за сервирање, а втората на некоја даска. Потоа растопете ја чоколадната глазура за премачкување и прелијте ја преку двете кори. Оставете да излади (јас ги ставам во замрзнувач на кратко за да зацврсти).

Путерот пенасто изматете го. Посебно изматете ја слатката павлака, а потоа и кремот. Во кремот прво додадете го изматениот путер, а потоа и слатката павлака. Продолжете да матите со миксерот и додадете го растопениот желатин. Добиениот крем поделете го во три еднакви садови, а во третиот измешајте растопено чоколадо.

Намачкајте го белиот крем врз бел бисквит со глазура (измазнете ја површината на кремот со шпатула потопена во врела вода), лесно одозгора притиснете го темниот бисквит и премачкајте со темниот крем. Потоа двете раце ставете ги под белата кора со чоколадна глазура, па ставете ја врз колачот и лесно со дланките притиснете.

Можеби малку ќе ви размачкаат дланките со чоколадото, ама тоа подоцна нема да се забележува. Премачкајте со остатокот од белиот крем и измазнете ја површината. Ставете го колачот во фрижидер да излади убаво преку цела ноќ.

Следниот ден растопете ги сите состојки за чоко-глазурата и прелијте ја преку колачот. Брзо премачкајте, па фатете ја тацната со двете раце и лесно протресете ја за рамномерно да се распореди глазурата. Вратете го колачот уште 30 минути во фрижидер да се излади, пред да се сече. / Coolinarika.com