Брат ми работи во еден ресторан каде редовно во еден ден од седмицата подготвуваат одредени специјалитети. Следниот рецепт кој може да го прочитате подолу бил еден од најбараните и во тој ден подготвувале повеќе од 30-тина вакви тави, бидејќи јадењето било многу вкусно. Обично се послужува со свежа салата.




Сѐ што ви е потребно е да си набавите свински шницли и уште неколку едноставни состојки. Рецептот може да го пробате и со телешко или пилешко месо, но кај мене секогаш го спремам со свинско месо, на децата многу им се допадна. Нема многу работа во кујната, сѐ подготвувам за 10-тина минути, а потоа ставам на печење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг свинско месо, 2-3 главици кромид, 2 лажички сол, црн пипер по вкус, 2-3 лажици маслиново масло, 500 г компири, 3-4 лажици сенф или јогурт, 3-4 лажици мајонез, 150 г павлака, околу 200 г кашкавал. ЗА САЛАТА: 2 краставици, 1 домат, 1/2 црвена пиперка, 1 мала главица кромид, 1-2 чешниња лук, малку маслиново масло, 1 лажиче сенф/сок од лимон.




ПОСТАПКА: Свинските шницли наредете ги на чинија или дрвена даска и малку избришете ги со хартија, за да не бидат влажни. Исечкајте ги на коцки со величина по ваша желба и префрлете ги во еден подлабок сад. Главиците кромид исчистете ги од лушпата, па исечете ги на тенки полупрстени.




Ставете го и кромидот во месото, па додајте со 2 лажички сол, па зачинете со црн пипер по вкус. На крајот намастете со малку масло. Измешајте ги состојките со рака или со лажица додека зачините и маслото подеднакво да се распоредат низ месото и кромидот, па оставете смесата да отстои 15-тина минути.




По изминатото време, на плех обложен со хартија за печење излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја во тенок слој. Јас користам обичен плех од рерна. Компирите добро измијте ги од скробот и излупете ги (ако се млади компири, тогаш не мора) и исечете ги на многу тенки кругови. Наредете ги компирите врз месото и кромидот, малку да се преклопуваат едно врз друго.




Зачинете врз компирите со сол и црн пипер, па потоа подгответе го преливот: сенфот, мајонезот и павлаката соединете ги во подлабок сад. Преливот може да го ставите во готварски шприц за да ви биде полесно нанесувањето врз компирите. Излејте го преливот врз компирите, ако го нанесувате со готварски шприц нема потреба да го размачкувате.




Изрендајте го кашкавалот и наредете го како последен слој врз преливот. Врз кашкавалот ставете хартија за печење, а потоа превиткајте и со алу-фолија. Печете во претходно загреана рерна на 200/210 степени, околу 70 минути. По изминатото време, фолијата се вади, па се допекува уште 10-тина минути, на 180 степени, додека кашкавалот да фати коричка.




На крајот подгответе ја салатата. Краставиците излупете ги и исечкајте ги на ситни коцки. Потоа исечкајте го доматот, исчистената пиперка и кромидот. Соединете сѐ во подлабок сад, а потоа прелијте со дресингот од маслиново масло 1-2 чешниња лук и малку сенф или лимонов сок. Измешајте и послужете со ручекот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.