Овој прекрасен рецепт ни доаѓа од Бразилката Јазете Паулиста. Таа многу сака да готви и да испробува нови јадења, но за првпат се осмели јавно да ги објавува своите рецепти во септември 2019 година.

Таа приготвува едноставни, но многу вкусни и декоративни колачи и поради тоа се стекна со бројни cледбеници. Еве што ви е потребно за овој божиќен колач:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 260 г брашно, 1 прстогат сол, 12 г прашок за печиво (1 кесичка), 3 јајца, 225 г шеќер, 120 мл масло, 240 мл млеко, 1 супена лажица ванилин екстракт. И УШТЕ: 1 јаболко, рендана кора од лимон, сок од 1/2 лимон, 50 г суво грозје (жолто и кафеаво), 50 г шарено кандирано овошје, 30 г крупно сечкани ореви, 1 лажица скроб/нишесте/густин.

ЗА БЕЛА ГЛАЗУРА: 100 г шеќер во прав, 2-3 лажици млеко (по потреба), мешавина од јатки и кандирано овошје за декорација. Сите потребни состојки треба да бидат на собна температура.

ПОСТАПКА: Во брашното додајте прстофат сол и прашок за печиво, па добро промешајте за да се распореди рамномерно. Во подлабок сад ставете 3 јајца, па пенасто изматете ги со постепено додавање на шеќерот.

Потоа додајте го маслото и матете уште малку. За овој колач може да користите блендер, а во тој случај, јајцата, шеќерот и маслото ставете ги одеднаш во блендерот и измиксајте 2 минути.

Кога ќе добиете изедначена смеса, додајте го млекото (на собна температура) и екстракт од ванила, па матете уште малку додека да се изедначи. Во смесата од течни состојки постепено додајте го брашното помешано со прашокот за печиво (или од блендерот излејте ја смесата во брашното), па промешајте со жица-маталка или со шпатула додека да добиете мазна смеса без грутчиња.

Подгответе долгнавест, а длабок калап за ролати/леб со димензии 29х12 см и висина од 6 см. намастете го и набрашнете го. Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени.

Јаболкото измијте го, исчистете го и исечете го на коцки со големина на залак. Во сечканите јаболка додајте ситно рендана кора од лимон и прелијте ги со сок од половина лимон за да не потемнуваат.

Кандираното овошје ситно исечкајте го и додајте го во јаболката, исто како и сувото грозје и оревите. Во мешавината додајте една супена лажица скроб/нишесте и промешајте за да се распореди подеднакво. Ова ќе превенира да не се лепат и да не пропаѓаат на дното од колачот.

Во подготвениот плех прелијте една третина од тестото, распоредете и израмнете. Врз тестото наросете половина од овошната мешавина, па прелијте со втората третина од тестото. Повторно израмнете, па прелијте со втората третина од тестото. Израмнете и наросете со остатокот од сувото овошје, па прелијте го и остатокот од тестото.

Откако убаво ќе израмните одозгора, ставете да се пече во добро загреана рерна на 180 степени околу 40-45 миинути. Проверете со долга чепкалка или стапче за ражнич, ако излезе суво, значи дека е добро печено. Печениот колач извадете го и оставете го да се олади, а потоа пригответе ја белата, шеќерна глазура.

Во еден помал сад ставете 100 г шеќер во прав и додајте три лажици млеко. Промешајте убаво додека да добиете густа, полутечна глазура. Направете ја декорацијата врз изладениот колач, а одозгора наросете јатки и сечкано кандирано овошје. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.