Бомбици: 2 банани и 2 минути време за овие вкусни топчиња „лапни голтни“

I РЕЦЕПТ и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти – Бомбици со две банани за кои ви се потребни две минути да ги приготвите. Можете да ги направите посни доколку користите посни состојки, но секако, може да ги направите и со состојки кои вам најмногу ви одговараат.

вкусни бомбици од само 3 состојки
во мелените кекси ставете две супени лажици нутела

Потребни состојки: 250 г мелени бисквити, 2 супени лажица нутела или некој друг лешников крем по ваш избор, 2 банани и кокос за валкање. По потреба можете да ги зголемувате или намалувате состојките, но од оваа количина излегуваат доволно топчиња.

бананите исечкајте ги на тркалца
состојките соединете ги рачно

Постапка: Во подлабок сад ставете 250 г мелени бисквити, па додајте две полни супени лажици нутела или друг крем, омекнат на собна температура. Одберете две позрели, големи банани, па ситно исечкајте ги на тркалца и додајте ги во мелените бисквити.

смесата е готова речиси за минута
од смесата можете да правите топчиња или со калап да формирате други форми

Останува со рака да ја измешате целата смеса и буквално да ги изгмечите бананите заедно со кремот и кексите за да се соединат во изедначена смеса. На крај тестото што ќе го добиете треба да има конзистенција на влажен песок, но сепак компактно и лесно за обработка.

за 2 минути вашите бомбици се готови

Веднаш од смесата можете да кинете мали парчиња, да обликувате топчиња со помош на дланките, а потоа да ги валкате во кокосово брашно. Вашите бомбици се готови и можете да ги послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

топчињата валкајте ги во кокосово брашно и послужете ги

II РЕЦЕПТ – Брзи и вкусни топчиња од банана и бело чоколадо, само 3 состојки, а готови за 10 минути

Рецепт и видео презентација на “Кујната на Душка” – Брзи топчиња од 3 состојки.
Овие топчиња можете да ги правите во посна и непосна варијанта, а сè зависи од изборот на намирниците (за посни се користат посно чоколадо и посни бисквити).

бомбици од 3 состојки
бомбици од 3 состојки

Исто така, топчињата што ќе ги направите можете да ги поделите, па едните да ги валкате во коскос, други во мелени ореви или лешници, трети да ги потопувате во чоколадна глазура..и така да добиете поголема разновидност. Инаку, топчињата се приготвуваат навистина многу брзо и многу се вкусни – лапни голтни, сите уживаат во нив.

ова се трите состојки кои се потребни за приготвување на бомбиците (за да бидат посни, користете посни намирници)
бананите изгмечете ги со виљушка

Потребни состојки: 280 г мелени кекси, 2 поголеми банани, 40 г рендано бело чоколадо или растопено на пареа и бело рендано чоколадо за валкање на топчињата или нешто друго по ваш избор

 

пирето од банани додајте го во мелените бисквити
додајте го и чоколадото па соединете ги состојките

Постапка: Издробете ги бананите со виљушка во подлабок сад, па додајте ги мелените бисквити и чоколадото и заедно мешајќи ги соединете ги во еднолична смеса.  Од смесата кинете мали парчиња и правете ги топчињата со помош на дланките.

смесата е готова за 1 минута
формирајте топчиња и валкајте ги во рендано чоколадо

Доколку сакате сите да ви бидат со приближна величина, послужете се кафена лажичка при црпнувањето од смесата. Обликуваните топчиња веднаш валкајте ги во рендано чоколадо, или кокос, или мелени кекси, ореви, лешни, чоколадни трошки… Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

ужувајте во вкусот

III РЕЦЕПТ – Многу брзи бомбици од банани, бисквити и кокос – може да се прават во најразлични варијанти и големини. Фотографија и рецепт на Катарина Дуспара.

Рецептот е навистина многу брз, се прават топчиња со големина по ваша желба, се валкаат во кокос, во ореви, се прелеваат со бело или црно чоколадо – безброј можности.

Потребни состојки: 3 поголеми банани, 200 г шеќер во прав (кој сака може да го исклучи шеќерот), 1 лажица рум (кој не го сака румот, може да стави ванила), 200 – 300 г мелени плазма бисквити и 100 – 200 г кокос

Постапка: Бананите се пасираат и се матат со 200 г шеќер во прав, па се додава една лажица рум. Се меша и се додаваат 300 г мелени бисквити. Јас користам плазма бисквити, а вие можете какви сакате. Се додава и 200 грама кокос па убаво се меша да се добие изедначена смеса.

Од смесата се кинат и се формираат топчиња со големина по ваша желба, па се валкаат во кокос или мелени ореви, лешници, бадеми… Може да ги направите и џамбо големи и да ги прелиете со топено бело или црно чоколадо. Бомбиците се многу вкусни, не можете да погрешите. / Фотографија и рецепт на Катарина Дуспара

Loading...