Фотографија и рецепт на Адвија Сисиќ. Ова е највкусната шампита што некогаш сте ја пробале. Едноставна е подготовката, а единствено на што треба да се внимава е добро да се изматат белките во цврст снег кој не паѓа од садот кога ќе се преврти.
Дури, се препорачува да се мати за цело време додека се пече пандишпанот. На тој начин ќе добиете навистина цврста пена од белки на која и се доволни само неколку минути во рерна за да го добие препознатливиот вкус на шампитата.
Рецептот е лесен а состојките лесно се памтат, бидејќи од сè се става иста мерка. Од оваа количина излегува многу, па соодветно можете да ги намалите или зголемите состојките, а самиот колач е брз и евтин. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 11 жолчки, 11 лажици шеќер, 11 лажици масло, 11 лажици млеко, 11 лажици брашно, малку прашок за печиво (1 лажичка), кора од лимон. За сируп: 22 лажици шеќер, 11 лажици вода, парче лимон. За шлаг: 11 белки и 11 лажици шеќер
ПОСТАПКА: Прво измерете ги состојките за сирупот, сипете ги во едно тенџере и ставете на тивок оган да се вари 5-6 минути. Потоа во различни (чисти и суви) садови одвојте ги белките од жолчките.
Жолчките изматете ги со шеќерот додека да станат пенасти и да побелат во густа кремаста смеса, па додајте масло во тенок млаз, па млеко и на крај брашно помешано со прашок за печиво и лимонова кора.
Смесата излејте ја во намастена тепсија и печете во загреана рерна на 200 степени околу 10-тина минути, во зависност од вашата рерна.
Потоа направете го шлагот. Изматете ги белките прво на најмала брзина неколку минути, а потоа на поголема со постепено додавање на шеќерот (една по една лажица додека да се растопи). На крај зголемете на најсилна брзина.
Во изматените белки додајте го сварениот сируп во тенок млаз и добро изматете со миксерот. Белките мора навистина добро да се изматат (се мати цело време додека се пече кората, а посебно добро се матат кога ќе се додаде сирупот).
Преку печената кора се излева шлагот (прво на средина), се израмнува (или се формира во вид на топка) и се враќа во рерна 4-5 минути за да се формира коричка. Оставете да се лади на собна температура, а потоа ставете во фрижидер.
Напомена: Од наведените состојки излегува навистина голем колач (димензијата на тепсијата за печење на кората треба да биде околу 40х30 см). Ако сакате помал колач само намалете ја количината на намирниците, што е многу лесно, бидејќи од сè оди по 11.
Фотографија и рецепт на Адвија Сисиќ