Деветнаесеттиот ден од јануари Македонците го слават Богојавление. Македонската православна црква и верниците го прославуваат 19.јануари големиот христијански празник – Богојавление, со традиционално пливање по светиот крст во градовите ширум нашата земја.

На овој ден се прославува споменот на Христовото крштевање на реката Јордан и јавувањето на Бог во облик на гулаб и глас: “Ова е мој Син и Него послушајте го”. На Богојавление, 19.јануари се завршуваат некрстените денови. на овој ден во сите цркви и храмови се осветува водата.




Тоа е свечен чин на кој речиси редовно секогаш присуствува мноштво народ кои осветената вода ја носат во своите домови, бидејќи таа Света Водичка – Богојавленската, се чува во секој дом, преку целата година како света реликвија, а се користи само во голема нужда (болест или вознемирување од страна на з-ли духови).




Во некои краишта обичај е свештеникот самиот да ја разнесува Богојавленската водичка во домовите на верниците. Богојавление спаѓа во еден од најголемите христијански празници, па поради тоа се развиле и голем број народни обичаи, поврзани како за денот, така и за ноќта воочи Богојавление.




I ОТВОРАЊЕ НА НЕБОТО – Ова е најпознатиот обичај поврзан за Богојавленската ноќ. Имено, се верува дека денот пред Богојавление, поточно на полноќ се отвораат небесите. Во таа пригода треба да се погледне во небото и да се замислат три желби за кои се верува дека сигурно ќе се исполнат.




II ОГЛЕДАЛЦЕ ПОД ПЕРНИЦА – Обичај е немажените девојки вечерта пред Богојавление да стават огледалце под својата перница пред да се легнат. Се верува дека девојката ќе го сонува момчето кое и е судено и за кого најверојатно ќе се омажи.

III ВОДА ОД ИЗВОРОТ – Во некои крашита има обичај на Богојавленското утро младите девојки да одат до недопрен извор на вода, да фрлат во него неколку зрна пченица или некоја друга житарица и да изговорат една реченица за која се смета дека е магична.




Еве која е таа реченица: “Како што водата тече, така да тече и бериќетот во нашата нива и нашата куќа”. Потоа зафаќаат од оваа вода и ја носат дома на своето семејство. Во некои делови сè уште е сочуван обичајот секој од домашните да се напие по малку од таа вода преку секира, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се одбегне кавга помеѓу нив.




IV ПРЕТСКАЖУВАЊЕ НА ВРЕМЕТО – Во некои делови од земјата има обичја постарите жени на Богојавление да водат сметка за временските пригоди, па така, претскажуваат каква ќе биде годината. Ако на пример, на тој ден има мраз и снег, се верува дека годината ќе биде родна, а ведрото време најавува сушна година.




БОГОЈАВЛЕНСКА ВОДИЧКА, ШТО СЕ ПРАВИ СО СТАРАТА КОГА ЌЕ СЕ ДОНЕСЕ НОВА – Постои голема дилема меѓу верниците колку долго можат да ја чуваат светата водичка и што да прават со старата кога на овој голем празник дома ќе донесат нова света водичка.

Светата водичка, особено онаа која се носи од Богојавление, може да се чува во домовите неограничено долго. Колку долго и да ја чувате, таа не ја губи освештената благодет ниту е подложна на расипување. Може да се чува заедно покрај иконите во домот.




Постојат фамилии кои Бојојавленската водичка ја чуваат и по триесет и повеќе години, со тоа што секоја година од новата водичка кога ќе ја донесат од црквата, по малку додаваат во шишето во кое ја чуваат старата вода. На овој начин таа се осветува и соединува во континуитет.

Но, главното прашање на верниците е “после една година, кога ќе стигне новата водичка, што да се прави со старата?” Одговор на ова прашање во црковните книги не пишува, ниту има било какво пишано наредување во врска со ова. Но, затоа постои народно предание.

Овој народен обичај и предание има голема вредност кај народот, а и црквата премолчено го има усвоено. Според ова народно предание, а сега црковно предание, доколку целата количина од Богојавленската водичка не се потроши побожно во текот на целата година, тогаш остатокот треба да се истури во бунар, река или цвеќе.

Во секој случај, оваа осветена вода треба да се истури на место каде нема да биде подложена на газење и обесчестување. што се однесува до светата водичка која се чува од Велигден, таа во текот на постот може, и треба, да се пие по малку пред јадење и на тој начин да се потроши.

Оваа Велигденска водичка се осветува токму со таа цел, да може големиот празник Христовото воскресение да се дочека во осветени домови, но и со осветена душа (како храм на Светиот Дух), со што во голема мера се придонесува и со користење на светата вода.

Осветената водичка за Крсна слава треба целата да се потроши за приготвување на славскиот колач, а може малку да се остави и за пиење, за да можат сите членови од домот да се напијат барем по една голтка за осветување на душата и телото.