Се имам изнапечено разни бисквити за ролати и торти уште кога бев многу млада, но дури сега дознав во што е тајната. Овој пандишпан е фантастично мек и еластичен, се витка без проблеми и без да распука дури и откако ќе се излади. Трикот е во… печењето. Кратко, на висока температура… -ДајанаД. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 70 г шеќер, 75 г жолчки од јајце, 8 г мед, 125 г белки, 25 г шеќер, 55 г обично брашно, 50 г скробно брашно (густин/нишесте)

ПОСТАПКА: Во сад ставете ги жолчките, 70 г шеќер и медот. Убаво матете со миксер додека смесата да стане пенаста и лесна.

Во друг сад изматете ги белките со 25 г шеќер додека да се формираат крути врвови, односно да се добие цврст снег кој не паѓа кога ќе се преврти садот.

Напомена: Ако имате два миксери, изматете ги двете смеси истовремено. Доколку немате два миксери, прво изматете ја смесата со жолчки, оставете ја малку настрана или во фрижидер, а потоа изматете ги белките.

Изматените белки не треба да стојат, туку веднаш да се употребат понатаму во рецептот. Помешајте ги изматените белки во смесата со жолчки, наизменично со просеаното брашно (измешајте ги и просејте ги заедно мазното и скробното брашно).

Мешајте полека, со рачна маталка или со дрвена лажица, со лесни движења од горе до долу, за смесата да не ја изгуби пенливоста и да не спласне. Подгответе голем плех (30×40 cm).

Исечете парче хартија за печење со големина на плехот (оставете околу 1 см подолго од секоја страна). Потоа внимателно распоредете ја смесата врз хартијата во тенок и рамномерен слој.

Внимателно преместете ја хартијата во плехот (полесно ми е да ја распоредам смесата рамномерно на хартијата поставена на маса, потоа го ставам плехот до работ на масата и само ја повлекувам хартијата со тестото на плехот, ако ова ви е премногу комплицирано, веднаш ставете ја хартијата во плехот и потоа распоредете ја смесата).

Загрејте ја рерната на 230°C (205°C ако користите рерна со вентилатор). Ставете го бисквитот во рерна 5 минути. Извадете го плехот од рерната и преместете го бисквитот заедно со хартијата на работната површина.

По околу 30 секунди до 1 минута, превртете го бисквитот и ставете го на друго, чисто парче хартија за печење. Излупете ја хартијата на која се печеше бисквитот. Оставете го бисквитот да се излади, намачкајте го по желба (џем, крем и сл.), свиткајте во ролат и готово.

Го имам печено неколку пати, со и без вентилатор и за 5 минути бисквитот се пече точно онолку колку што треба да остане мек и еластичен, за да може да се витка без проблем и откако ќе се излади. Ако е препечен пандишпанот ќе се исуши и потоа нема да се витка.

Рецептот е од книгата, „Dolci – manuale pratico di pasticceria“, од Г.Пина