БАНАНА ТОРТА, без печење, толку е брза за правење што научив да си го ценам времето. Рецепт на Вкусна Минута. Слоевита и богата банана торта, без печење, многу е вкусна и кремаста, се чека само додека да се излади.

Се прави од неколку едноставни состојки, потребни за торта, има чоколаден вкус, 4 слоја бисквити, пудинг од ванила, банани и на крај се прелива со чоколадна глазура. Прсти да излижеш додека ја правиш, а во продолжение прочитајте ја постапката..




Потребни состојки: 150 мл млеко, 750 г чоколадни бисквити, 2-3 банани, 160 г пудинг прав од ванила, 200 г шеќер, 1 литар и 300 мл млеко, 130 г путер, 170 г Нутела, 50 г какао, уште 100 г шеќер и уште 120 мл млеко со 50 г путер.




Постапка: Во калап со флексибилен обрач (21×21), ставете хартија за печење и започнете да ги редите бисквитите претходно потопени во 150 мл млеко. Наредете еден слој, колку што собира во калапот, а на краевите може да ги кршите бисквитите за да ви ги собере.




Излупете ги бананите и исечкајте ги на тенки кругови (отприлика со дебелина од половина сантиметар), па наредете еден слој врз бисквитите. Потоа подгответе го пудингот. Во тенџере на рингла додајте го прашокот со пудинг од ванила.




Потоа во тенџерето додајте 200 г шеќер, малку промешајте, па додајте 1,3 л млеко. Ставете да се вари на средна температура, со постојано мешање додека пудингот да ја добие оптималната густина. Кога ќе се згусне, додајте 130 г путер и промешајте со рачна жица за матење додека да се растопи.




Издвојте 1/4 од пудингот, а поголемиот дел оставете го настрана. Во 1/4 пудинг додајте 170 г Нутела и добро соединете ја со пудингот. Потоа врз бананите во калапот премачкајте со половина од поголемиот (бел) дел од пудингот и добро распоредете.




Одозгора наредете уште еден слој чоколадни бисквити потопени во млеко, па врз нив прелијте го филот со пудинг и Нутела. Добро израмнете и одозгора повторно наредете слој бисквити и уште еден слој банани. Доколку ви се потребни повеќе банани, слободно додајте во тортата.




Преостанатата половина од пудинг се прелива врз бананите и повторно се измазнува, идентично како претходните слоеви. Се реди уште еден, последен слој бисквити потопени во млеко и тортата се става во фрижидер на ладење околу 1 час, убаво да се стегне.




Пред да ја извадите тортата од фрижидер по ладењето, се подготвува чоколадната глазура. Во тенџере на рингла се додаваат какаото и шеќерот, па се промешуваат, а врз нив се прелива млекото и се меша енергично за да не се создадат грутчиња.




Се готви на ниска температура додека да се формира чоколадна глазура, а потоа се додава уште 50 г путер и се вмешува во чоколадото. Врз тортата се прелива чоколадниот слој, добро се измазнува и се става во фрижидер да отстои уште неколку часа за добро да се стврдне.




По ладењето, се сече на коцки и се послужува. Коцките се сечат со средна величина бидејќи тортата е многу слоевита и веднаш заситува. Од друга страна не е многу блага, и може секој да ја јаде. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.