Новиот магацин за фармацевтски суровини и за примарна амбалажа, на чија изведба се работеше околу 15 месеци, е дел од дваесетгодишниот инвестициски план за развој на ПЦ Фармација, кој се реализира со интензивно темпо и во услови на криза.

Најновата инвестиција на „Алкалоид АД“ Скопје во магацински простор за фармацевтски суровини и за примарна амбалажа претставува современо и безбедно складишно решение, изведено согласност препораките за добра производствена пракса за магацинско работење, со законските прописи за чување фармацевтски производи и со фармацевтскиот систем за квалитет.

Новиот објект се простира на површина од вкупно 1,620 м2 и опфаќа: магацински простор за фармацевтски суровини; подрумски простории опремени со специјални ладилни соби наменети за суровини за кои се неопходни посебни услови за чување, температура и влага; административни простории и технички кат.

За потребите на овој објект, изградена е нова пристапна рампа за камиони, а проектирани и изградени се нови внатрешни сообраќајници, целосно приспособени за непречена и за безбедна комуникација на новиот магацин со производствените објекти.

Со реализацијата на оваа инвестиција во ПЦ Фармација, целосно е осигурено најсовремено управување со суровините и производите и безбедна логистика на процесите – од прием на фармацевтските суровини до испорака на лековите до веледрогериите и до крајните корисници.

Магацинот располага со вкупно 800 палетни места за суровини, опремен е со најсовремен систем за климатизација, ладилни комори, системи за гасење пожар, како и со машини за хоризонтален и за вертикален транспорт.

Официјалното примопредавање на оваа инвестиција вредна 1,3 милиони евра беше извршено од страна на Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов и директорот за логистика и магацини, Зоран Костовски во присуство на вработени и членови на управните тела на компанијата.

Во складишните капацитети на „Алкалоид АД“ Скопје вработени се вкупно 120 извршители.