Вирусот херпес симплекс е присутен кај 80-95% од луѓето и бројот на „среќниците“ кои никогаш немале херпес е навистина мал. Постојат народни лекови против херпес, односно намирници кои ја спречуваат нивната појава, но и предизвикувачи кои херпесот можат да го направат уште поизразен.

Диетата е многу важен фактор кога станува збор за херпес, бидејќи постои храна што треба да се избегнува и онаа што треба повеќе да се вклучи во исхраната кога еднаш ќе се појави херпесот или имате предзнаци дека тој ќе „излезе“.

Рускиот имунолог и алерголог д-р Вереника Александровна објасни дека инфекцијата најчесто се пренесува преку директен контакт на кожата (бакнување) или преку капки, а самиот херпес се „активира“ со пад на имунитетот.

Предизвикувачи може да бидат: стрес или вознемиреност, настинка, грип, дијабетес, интоксикација, прекумерно внесување кафе или ал-ко-хол, почеток на менструација, истоштеност, но и неправилна исхрана и недостиг на потребни нутриенти.

Кога „излегува“ херпесот, секогаш треба да се консултирате со лекар и да се прегледате, а специјалистот ќе ви препише терапија со лекови против херпес. Мастите и таблетите помагаат во намалување на непријатноста и ерупциите на кожата.

Ако имате херпес, јадете храна богата со лизин која се наоѓа во намирници како што е немасното месо, јајца, млечни производи, јогурт и избегнувајте храна што содржи аргинин, многу важна аминокиселина која во овој случај ја влошува состојбата, а се содржи во намирници како што се интегрални житарици, чоколадо и ореви.

“Избегнувајте кисела храна, како што се агруми, домати и сè што содржи оцет. Вклучете во исхраната свежо овошје и зеленчук, особено карфиол, бела зелка, прокељ, кромид и лук”, советува докторката.

ЗОШТО СЕ ПОЈАВУВА ХЕРПЕСОТ?

Инфекциите со херпес се многу чести. Се проценува дека повеќе од 80% од луѓето се заразени со вирусот на херпес. Сепак, помал процент од нив имаат манифестација на болеста, бидејќи едно лице може да биде заразено, а никогаш да не му се појави ниту едно „меурче“.

Обично, кога некој има херпес, истиот е предизвикан или од вирусот херпес симплекс тип 1 или тип 2. Тип 1 обично ја напаѓа областа околу усните, брадата и носот. Тип 2 уште се нарекува и херпес на гени-талиите. Во ретки случаи, тип 1 може да влијае на гени-талиите. Изолацијата на видот на вирусот се прави со специфичен тест.

Инфекција од типот 1 е најчеста во раното детство, а тип 2 по пубертетот. Директниот контакт е најлесниот начин за пренесување, но понекогаш тоа се прави индиректно – преку раце или предмети на кои вирусот може да преживее ограничено време.

Вирусот останува присутен во текот на целиот наш живот во одредени нервни клетки и обично е во мирување без да се размножува и да предизвика осип. Под дејство на разни предизвикувачки фактори, може да се случи негово активирање и да се формираат познатите меурчиња.

Меѓу предизвикувачите се набројуваат: изложување на сонце, исто така – стрес, болести што доведуваат до намален имунитет, настинки, пред менструација, траума на лицето, усните, очите, устата и друго. Честопати се случува и да не е позната причината за негово активирање.

Се претпоставува дека една од главните причини за појавата на херпес во текот на летната сезона е фактот дека прекумерното изложување на сонце често ги намалува природните механизми за одбрана на организмот.

УВ зраците го потиснуваат нашиот имунолошки систем и го намалуваат производството на заштитни антитела. Како резултат на тоа, се создаваат поповолни услови за репродукција (репликација) на херпесниот вирус, проследено со појава на осип со различна локализација. Често последователното изложување на сонце по појавата на херпес доведува до дополнителна иритација и го продолжува текот на осипот.

Сè уште не е јасно зошто некои луѓе заразени со вирус никогаш не добиваат осип во текот на животот, други воопшто не се заразуваат, а кај други (претежно жени поради менструалниот циклус), ова може да се случува месечно.

Луѓето кои имаат нарушување на имунолошкиот систем често страдаат од овој проблем. Меѓу нив, групата на ХИВ-позитивни зазема одредено место, како и онаа на новороденчињата и постарите лица, поради особеностите на нивните механизми за одбрана.

Важно е да се знае дека целосен лек за инфекција со херпес не е можен во пракса. Исто така, не постои сигурен начин да се спречи инфекцијата поради високата преваленца и природата на инфекцијата. Луѓето можат да го шират вирусот без да имаат осип или какви било симптоми при контакт.

Сепак, постојат некои препораки за мерки што можат да се преземат. Еве неколку: користете одделни крпи за секој член на семејството; не менувајте уреди или додатоци кои биле во контакт со областа околу устата; често мијте ги рацете.

Ако веќе сте заразени со вирус, добро е да се избегне прекумерна изложеност на топлина и сонце заради превенција. Заштита може да се направи и со употреба на креми за сончање за лице и тело со висок фактор (над 30 заштитен фактор) и мевлем за усни со фотопротекција.

Ако имате херпес, препорачливо е да избегнувате допирање на отворени рани или друга личност за да го заштитите од контаминација. Може да ставате краткотрајни млаки облоги. Не се препорачува да користите многу миризливи сапуни, гелови за туширање и друга козметика. Може да земете аспирин или друг аналгетик ако чувствувате болка.

Во основата на третманот на инфекции со херпес се содржат група антивирусни лекови. Досега најпознат и пропишан од нив е Ацикловир во форма на таблети или крем за локална употреба. Дозата, времетраењето и фреквенцијата на употребата на лековите ги одредува дерматологот според сериозноста на проблемот.