Со неколку трикови ќе ги офарбате најубавите јајца за Велигден оваа година. Секој има некоја своја омилена техника, а најчесто користената е онаа со кромидовите лушпи и старата техника со билки и чорап. Минатата година ја испробав оваа нова техника и бев воодушевена, па и оваа година ќе ги има на трпезата.




Јајцата претходно мора да бидат сварени и избелени, бидејќи оваа техника не може да се спроведе на неварени јајца. Доколку не знаете како се избелуваат јајцата, постапката можете да ја најдете најдолу во рецептот. Па, да започнете со фарбањето јајца:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Гел и обични бои (можете да ги најдете во сите подобро снабдени супермаркети), салветки или уште подобро ако ви се наоѓаат исушени влажни марамчиња, мали ракиени чашки, колку обични бои – толку лажици оцет и вода, стапчиња за уши или шприцеви, пипети, прскалка: 50 мл оцет и 100 мл вода




ПОСТАПКА: Јајцата најпрво сварете ги и по желба избелете ги. Препорачувам да ги избелите јајцата, бидејќи тогаш боите се поубави и поинтензивни. Ампулите со гелот за боја ставете ги во една мала шаша и потопете ги со топла вода. Оставете ги неколку минути да отстојат за да отпуштат.




Земете салветка, ставете го јајцето во средина, па убаво свиткајте го внатре, па со капалка накапувајте од гел боите насекаде по малку. Во прскалката ставете бел оцет 9% (1/4 чаша) и вода (1/2 чаша), па испрскајте го јајцето, така свиткано во салветката.




Јајцата оставете ги да се исушат. Доколку користите обични бои, тогаш ќе добиете други нијанси. Прво во ракиени чашки разматете ги боите со 1 лажица лажица оцет и 1 лажица топла вода. Па исто така, завиткајте ги во салветки. Потоа со стапче за уши или со шприц шарајте ги јајцата преку салветката.




Во овој случај не е потребно да се прскаат со оцет и вода, бидејќи во самата боја се содржи оцет. Оставете да се исуши, тргнете ја салветката, па премачкјате ги јајцата со масло и тоа е тоа. Постапката погледнете ја ОВДЕ, а постапката за избелување на јајцата е многу едноставна:




За 15 минути можете да ги избелите јајцата со помош на оцет и вода. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Околу 20 јајца, 500 мл вода, 500 мл алкoxoлен бел оцет 9 %. ПОСТАПКА: Јајцата најпрво добро исперете ги. Во тенџере ставете оцет и вода, наредете ги испраните јајца, па ставете на шпорет да се варат 10 минути.




Ако почне силно да врие водата, намалете ја температурата за не испукаат јајцата. Веќе некаде на 4-та минута од варењето ќе се појави кафеава пена која мора постојано да ја вадите со лажица.




Кога јајцата ќе бидат сварени, тргнете ги од оганот и прелијте ги со ладна вода без да ја истурате топлата вода. Со сунѓер и крпа тријте го секое јајце додека да побели. Оставете ги целосно да се исушат, па продолжете натаму со фарбањето.