Вкусен и богат ручек само од зеленчук. Одличен е кога сакате да приготвите оброк без месо, кога постите или пак кога немате идеја за ручек. Се состои од зеленчук од рерна на вода и масло, плескавици од ориз и грашок и мешана салата.

Салатата е направена од свежа зелка, морков и праз, малку сол, малку масло и малку јаболкова киселина. Измешајте и додадете чаша вода или по потреба, па сето добро соединете.

За плескавици: сварете две шолји ориз и процедете. Сварете и две шолји грашок, па исто така процедете.  Промешајте ги заедно, додадете лажица сув зеленчук и убаво испасирајте. Во таа смеса додадете меѓу 7 и 10 лажици презла (лебни трошки) и мешајте додека да стане доволно густо за да може да се црпне со лажица.

Загрејте една лажица масло на тефлонска тава, па со лажица црпете малку од смесата за плескавици, со влажни раце обликувајте и пржете од двете страни додека да зарумени.

Повторно ставете лажица масло или по потреба и повторувајте ја постапката додека да се потроши целата смеса.

За зеленчук од рерна потребно ви е: 5 поголеми компири, 3-4 поголеми моркови, 200 г печурки и еден страк праз.

Вклучете ја рерната на 200 степени, во тепсијата додадете 100 мл масло, 200 мл вода и лажица сув зачин. Прво исечкајте го празот и наросете го насекаде низ тепсијата. Одозгора додадете излупен и исечкан компир, а потоа и морковот, исто така исечени со дебелина од 1 см.

Ставете да се пече во рерна околу еден час. Пред крај додадете ги сечканите печурки и убаво промешајте внимавајќи да не ви се распадне компирот.

Додека компирот се пече во рерна, вие пригответе ги плескавиците и салатата. На тој начин се’ ќе биде топло послужено.