Секогаш кога сакате да ги изненадите гостите со нешто брзо, но убаво и вкусно, отворете го овој рецепт и пригответе ја највкусната пита-пица. Постапката за приготвување е лесна и многу интересна: откако ќе ја развлечете кората, се сечкаат лентички кои на оваа пита-пица и даваат раскошен изглед. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто, се мери со чаша од 200 мл): 1/2 чаша топла вода (100 мл), 1/4 чаша маслиново масло (50 мл), 1 лажичка сол (5 г), 1 супена лажица шеќер (15 г), 1 лажичка сув квасец (5 г) 2 1/2 чаша брашно (250 г). ЗА ФИЛ (може по вкус): шунка/феферони, кашкавал/моцарела, шери домати, варени јајца, оригано, жолчка за премачкување




ПОСТАПКА: Во млака вода растворете го квасецот, додајте шеќер и масло, па добро промешајте додека шеќерот целосно да се истопи. Потоа започнете постепено да го додавате брашното и да мешате додека да ги впие течностите.




Тесното бидејќи содржи масло за кратко време станува компактно, но сепак, за да ја добие потребната еластичност, потребно е да се домеси со рака на набрашнета работна површина. За неколку минути ќе стане меко и мазно кое не се лепи на рака.




Ставете го во некој сад, покријте со капак или крпа и оставете го на топло место без провев да стасува околу еден час додека да ја удвои својата големина. Стасаното тесто лесно премесете го со предиплување.




Со помош на оклагија развлечете тенка тркалезна кора како за пица, па префрлете ја во тенка тепсија (специјална за пици, или обична обложена со хартија). Одозгора врз кората поставете некој капак кој имал помал обрач од тестото, а кој ќе ви послужи за полесно да ги исечете лентичките со должина од 4-5 см.




Исечете ги лентичките како што е прикажано во видеото, а потоа по две накрсно преклопувајте ги навнатре. На тој начин ќе добиете интересен и декоративен краичник. Внатрешноста на кората густо избоцкајте ја со виљушка.




Потоа, во средината наросете рендан кашкавал/моцарела, шунка/феферони/сувомеснато по желба, мали варени јајца од препелица или обични, пресечени на половина, мали шери домати и нешто по вкус, па одозгора наросете со босилек.




Превитканите краеви премачкјате ги со мешавина пд изматена жолчка и малку масло или млеко, па ставете да се пече во добро загреана рерна на 200 степени околу 25 минути или додека убаво да зарумени. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.