За сите љубители на чоколадните торти, овој десерт е совршенство. Се состои од три богати кремасти слоеви, сите чоколадни, со различни нијанси во бојата. Толку е кремаст и нежен што може да се јаде и со лажица, пишува НМД. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПРВ СЛОЈ: 500 мл млеко, 3 супени лажици шеќер, 2 супени лажици брашно, 1 супена лажица пченкарен скроб/нишесте/густин, 2 супени лажици незасладено какао во прав, 50 г млечно чоколадо, 1 супена лажица несолен путер/маргарин




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ВТОР СЛОЈ: 500 мл млеко, 3 супени лажици шеќер, 1 супена лажица пченкарен скроб/нишесте/густин, 50 г бело чоколадо, 3 супени лажици брашно, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 супена лажица несолен путер




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТРЕТ СЛОЈ: 100 мл млеко, 150 г црно чоколадо со што повисок процент на какао, 1 супена лажица несолен путер или маргарин. Наместо млеко, може да употребите 100-150 мл слатка павлака со исто толку црно чоколадо.




ПОСТАПКА: Во млекото растворете го шеќерот, па додајте ги прашкастите состојки како брашното, скробот и какаото, па добро промешајте со кујнска маталка-жица за да се растворат и да не останат грутчиња.




Тенџерето ставете го на рингла и загревајте на умерена температура со непрекинато мешање додека да се звари и згусне, исто како пудинг. Додека е врела смесата, во кремот додајте го чоколадото искршено на коцки и промешајте за да се растопи и инкорпорира.




Путерот можете посебно да го изматите пенасто и да го додадете во изладениот крем и со миксер да ги соединете, но според овој рецепт, ако го додадете во топлата смеса, тој веднаш ќе се растопи и ќе се инкорпорира, а кремот ќе добие сјајност.




Добиениот чоколаден слој излејте го во некој транспарентен сад (ако сакате да се гледаат слоевите) или пак во калап со средна величина, претходно обложен со проѕирна-стреч фолија за да можете полесно да го извадите за сечење.




Оставете во фрижидер да се стегне додека го приготвувате следниот слој. За вториот, бел слој повторете ја постапката како и за претходниот слој. Измешајте го млекото со шеќерот, скробот и брашното, па варете со непрекинато мешање додека да згусне. Потоа додајте го белото чоколадо, а после и путерот, па мешајте додека да се инкорпорира.




Белиот слој излејте го врз чоколадниот слој и повторно вратете во фрижидер да се стегне. За третиот слој млекото ставете го да зоврие, додајте ги чоколадото и путерот да се растопат, малку подизладете, па прелијте врз белиот слој и вратете во фрижидер да се стегне и олади пред послужување. Деталите погледнете ги ОВДЕ.