Посните чоко-банана топчиња се совршен десерт за секаква пригода, за секој дел од денот. Можете да ги послужите со кафе, чај, како закуска помеѓу оброците… Доволно е да имате само една зрела банана, посни бисквити и посно чоколадо.

Потребни состојки: 1 банана, 80 г растопено посно чоколадо, 100-150 г мелени посни бисквити

Постапка: бананата изгмелете ја со виљушка, додајте го растопеното чоколадо и промешајте. На крај додајте ги мелените бисквити, не не ја додавајте целата количина одеднаш. Додавајте постојано и месете со рака или виљушка до посакуваната густина.

Треба да добиете смеса со конзистенција на влажок песок, но да може лесно да се формира. Смесата е сè уште топла поради чоколадото, но подоцна ќе се стегне. Формирајте ги топчињата со величина по ваша желба и по желба валкајте ги во кокос, чоколадни трошки, мелени ореви, кекси…

Оставете ги на страна да се стврднат или директно редете ги во хартиени корпички. по желба можете да ги напрскате со чоколадна глазура или целите да ги потопувате во неа. Многу брзо и лесно ќе можете да ги послужите и да се сладите во нив.

ПОСНИ ТОПЧИЊА ОД САМО 3 СОСТОЈКИ

Потребни состојки: 3 големи зрели банани, 300 г мелени посни бисквити и 50 г кокос за валкање. Постапката е многу едноставна: изгмечете ги бананите, а потоа постепено додавајте мелени кекси додека да добиете доволно цврста смеса од која ќе можете да формирате топчиња. Потоа валкајте ги во кокос и спремни се за послужување.

изгмечете три големи зрели банани
постепено додавајте мелени бисквити
мешајте додека да се изедначи смесата
постепено додавајте мелени кекси додека да добиете фино тесто од кое ќе ги обликувате топчињата
формираните топчиња валкајте ги во кокосово брашно

Посни банана топчиња – брзи, слатки и проверено добри

Посни банана бомбици, одлични за секаква пригода, па и за секој ден – се топат во уста. Едноставно се приготвуваат а имаат многу добар вкус кој ќе ве воодушеви.

Потребни состојки: 2 зрели банани, 150 г посен маргарин, 150 г шеќер во прав, 300 г посни мелени бисквити и 100 г мелени лешници

Постапка: маргаринот оставете го да омекне на собна температура, па пенасто изматете го со шеќерот во прав. Бананите исечете ги на тркалца и малку изгмечете ги со виљушка, па додајте ги и нив во маргаринот и уште малку изматете за да се соединат.

Додајте ги посните, мелени босквити и промешајте убаво за да се изедначи смесата. Потоа вадете од смесата и формирајте со дланките топчиња со величина на орев. Ако смесата не е доволно густа, оставете ја во фрижидер малку да се стегне или додадете уште малку мелени бисквити. Формираните топчиња валкајте ги во мелен лешник.

Посни топчиња од суви смокви, мелени ореви и чоколадо – старински рецепт. Фото и рецепт на Ивана Тодоровиќ – Божиќни топчиња.

Еве еден рецепт кој го пронајдов во еден прастар тефтер кој и припаѓаше на тетка ми, полн со пожолтени страници испишани со прекрасни рецепти… Го пронајдов кога за првпат започнав да правам колачи за слава и оттогаш задолжително ги правам за слава, Нова година, Божиќ.. а и без некој посебен повод, бидејќи моите дома ги обожаваат…

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г суви смокви, 250 г мелени ореви, 120 г шеќер, 100 г чоколадо за готвење

ПОСТАПКА: сомелете ги заедно смоквите и оревите (така помалку се лепат смоквите за ножето). Во посебен сад ставете го шеќерот, прелијте го со малку вода колку да се прекрие. Шеќерот со вода ставете го на оган и мешајте додека тој да се растопи целосно, па тргнете го садот од рингла и оставете сирупот малку да се подизлади.

Потоа додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте да се растопи, а потоа и мелените смокви и ореви. Убаво промешајте смесата целосно да се изедначи и да стане компактна.

Формирајте ги топчињата со големина на орев, па валкајте ги во чоколадни трошки, мелени ореви, кристален шеќер, рендано чоколадо…било што по желба. Многу се вкусни. / Фото и рецепт на Ивана Тодоровиќ