Рецепт за брзи лепињи полнети со кашкавал и сирење
Овој едноставен, а сепак неверојатно вкусен рецепт за леб со сирење е совршен избор за секоја пригода. Со само неколку основни состојки и минимален напор, можете да подготвите топол, мирисен леб кој ќе ги воодушеви вашите блиски.
Идеален за ужина, предјадење или додаток на главно јадење, овој леб е вистинско гастрономско уживање, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки
– 400 мл топло млеко
– 15 г шеќер
– 10 г сув квасец
– 480 г брашно
– 8 г сол
– 20 г маслиново масло
– 200 г моцарела или чедар/кашкавал или мешавина со ситно бело сирење
– 1 жолчка (за премачкување)
– 1 лажица растително масло (за премачкување)
– НМД
Постапка
1. Во поголем сад измешајте 400 мл топло млеко, 15 г шеќер и 10 г сув квасец. Оставете ја смесата да отстои 5 минути или додека да се запени.
2. Во смесата со квасец додајте 480 г пченично брашно, 8 г сол и 20 г маслиново масло. Мешајте додека да се формира тесто, а потоа месете го 5 до 7 минути додека да стане мазно и еластично.
3. Покријте го тестото со чиста крпа или пластична фолија и оставете го на топло место да отстои 30 минути или додека да го удвои својот волумен.
4. Изрендајте 200 г моцарела или чедар или кашкавал по избор, а по желба можете да го помешате со ситно бело сирење и белката (што преостанува, а жолчката за премачкување) и оставете го настрана.
5. Лесно премесете го нараснатото тесто за да го испуштите воздухот и поделете го на 4 еднакви делови.
6. Секој дел од тестото обликувајте го во топка, а потоа нежно притиснете го за да добиете рамна површина.


Во средината на секое парче ставете обилна количина фил, па преклопете го тестото преку филот, внимавајќи добро да ги запечатите рабовите за да добиете повторно форма на топка.
Притиснете ги нежно и постепено одозгора, да се формираат лепињите.
7. Наредете ги на плех обложен со хартија за печење и дополнително притиснете ги уште малку. Измешајте една жолчка со една лажица растително масло и премачкајте ги.
Оставете да одморат 20 минути. Со прстите обликувајте хоризонтални и вертикални линии, па посипете семе одозгора по желба.

8. Печете во загреана рерна на 200 степени, 20 минути или додека површината да добие златнокафеава боја и добие лесно зарумена нијанса.
Начин на послужување
Оставете го лебот малку да се излади пред да го послужите, додека е сè уште топол. Овој леб е одличен како ужина или предјадење и прекрасно се комбинира со сос или свежа салата. Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:





































