Доколку ви се пријаде нешто слатко, а дома имате јаболка, направете си го овој колач кој е многу вкусен. Брзо се подготвува, а е исто така и многу здрав. Сите останати состојки сигурно ги имате во кујната, само измешајте ги и ставете го колачот да се пече. Потоа едноставно наросете го со шеќер во прав и рендан кокос и послужете го.




Јас го правам со години и од него целиот стан ми замирисува прекрасно. Може да го јадете ладен или топол, според мој вкус е поубав кога ќе се олади, но дечињата најчесто немаат трпение и половина од тепсијата ја изедуваат додека колачот е топол. Колачот може да го послужите и кога ќе ви дојдат некои гости. Сите ќе бидат воодушевени. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јаболка (500 грама), 2 супени лажици сок од лимон, 1 лажичка цимет, 4 јајца, 1 полна чаша гранулиран шеќер (200 грама), 1 мала чајна чаша масло (120 мл), 1 чаша млеко (200 мл), 2,5 чаши брашно (300 грама), 1 кесичка ванилин шеќер (5 грама), 1 кесичка прашок за печиво (10 грама), 1 чаша ореви (120 грама).




ПОСТАПКА: Најпрво пригответе ги јаболката. Користете здрави и неоштетени плодови. Измијте ги добро под млаз вода (ако се прскани излупете ги), па исечете ги на тенки коцки, значи многу ситно, како да сечете кромид. Префрлете ги јаболката во еден подлабок сад и прелијте ги со 2 лажици лимонов сок за да не потемнат и промешајте.




Обично се додава и цимет за јаболката да добијат уште поубава арома, а нашата драга читателка, Лилјана Велковска предложи интересен начин за да не ви потемнат јаболката. Таа предложи да се полеат со сок од два портокали, а колачот да биде повкусен и поосвежителен, но секако, и лимоновиот сок функционира на ист начин.




Во посебен, подлабок сад измешајте ги четирите јајца со 1 полна чаша гранулиран шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер. Измиксајте ги состојките, па додајте 1 чајна чаша масло и 200 мл млеко на собна температура. Откако постепено ќе го додадете млекото, миксирајте додека целата смеса да се изедначи.




Низ сито просејте 2.5 чаши брашно измешано со 1 кесичка прашок за печиво. Постепено додавајте го брашното за состојките да се соединат. Откако ќе ги додадете сувите состојки, измешајте ја смесата со шпатула или со најспората брзина на миксерот, за да не спласне.




На крај, додајте 1 чаша мелени ореви и промешајте за рамномерно да се распоредат состојките. Откако ќе добиете хомогена смеса, без грутчиња додајте ги ситно сечканите јаболка и сѐ заедно соединете со лажица или шпатула.




Подгответе си плех или калап со стандардна големина или каков имате и добро намастете го со путер, на дното и ѕидовите, со помош на четкичка. Може да користите и помал калап за да добиете повисок колач. Во тој случај колачот е потребно да го печете подолго време.

Излејте ја смесата и израмнете ја добро, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 25 минути, со проверување. Кога ќе се олади наросете шеќер во прав и кокосови трошки. Деталите погледнете ги ОВДЕ.