Шербетните колачи засекогаш ќе останат омилените десерти кои некогаш се послужувале. На прво место секогаш е вкусната баклава која е кралица на сите останати колачи, а според мене потоа доаѓаат шербетните гриз колачи кои имаат посебна сочност. Овој колач со портокал го дознав неодамна од каналот на Валентина Машковиќ.




Потсетува на сочните гриз колачи бидејќи се прелива со шербет, но овој рецепт ми е многу повкусен поради тоа што во шербетот се додава и сок од портокал. А за бисквитот ви се потребни неколку основни состојки, вклучувајќи и кори за пита или баклава, па токму поради тоа, овој колач потсетува на баклавата, односно на шербетните гриз колачи. Се прави за 10-тина минути, а потоа се става на печење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕВНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори за пита, 4-5 јајца, 250 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 400 г кисело млеко, 1 лажица кора од портокал, 200 мл сок од портокал, 200 мл масло, 1 кесичка прашок за печиво. ЗА ПРЕЛИВОТ: 450 мл вода, 300 г шеќер, 1 стапче цимет, 200 мл сок од протокал.




ПОСТАПКА: Јајцата, киселото млеко и сокот од портокал треба да бидат отстојани на собна температура, пред подготовка на колачот. Потоа, во сад се кршат 4 или 5 јајца во зависност од големината и се матат со миксер со постепено зголемување на брзината на вртежите.




Кога ќе се зголеми волуменот на смесата и малку ќе стане пенаста, се додава 250 г шеќер и се продолжува со миксирање додека да се добие убава и хомогена смеса. Шеќерот е потребно да се растопи во јајцата.




Постепено се додаваат двете кесички ванилин шеќер и киселото млеко, ситно ренданата кора од портокал, сокот од портокал и прашокот за печиво и сето се соединува во убава хомогена смеса со миксирање. По соединувањето, ќе ви биде потребен еден плех со димензии 23/25 или 33/35 см.




Корите за пита претходно исечете ги на помали парчиња, односно на квадратчиња. Корите мора да бидат претходно исушени, а тоа може да го направите на два начина. Првиот начин е да ги испечете во рерна на 100 степени, околу 1 час, а вториот начин е уште од претходниот ден да ги исечете и да ги оставите да се сушат на некое топло место, во текот на целиот ден.




Рерната вклучете ја да се загрее на 180 степени. Потоа постепено се додаваат исушените кори во филот и истовремено се меша додека сѐ да се соедини. Важно е корите да ги додавате на неколку наврати, за сите да ви се натопат во смесата. По соединувањето, смесата се префрла во плехот и се израмнува.

Плехот не мора претходно да се премачкува. Колачот се пече од 45 до 1 час на умерена температура, додека сѐ убаво да зарумени. Во зависност од секоја рерна, кај мене на пример, колачот го печев точно 50 минути.




Откако ќе се испече кората  ја вадите и оставате да се олади, па потоа ја сечете на поголеми коцки, а во меѓувреме подгответе го преливот. ЗА ПРЕЛИВ: Во посебно тенџере додавате приближно половина литар вода, стапче цимет и 300 г шеќер и сѐ се остава да врие околу две минути.

После 2 минутно готвење се додава сокот од портокал и се остава уште минута до минута ипол да се вари. Потоа со топлиот прелив се прелива преку оладениот колач. Потоа се остава убаво да се апсорбира и колачот да се олади, па по желба можете да го декорирате со топка сладолед од ванила или парче портокал. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.