Академик д-р Жан Митрев во интервју за светски познат медиум: И оваа криза ќе помине…

Академик доктор Жан Митрев за The Bridge: Секоја криза поминува и не треба да ја игнорираме, едноставно треба да ја употребиме како отскочна даска за понатамошни промени.

Доктор Жан Митрев за The Bridge магазинот на Academia Balkanica Europeana во натпис кој се објави месецов даде свое гледиште за целокупната состојба со пандемијата и улогата на лидер во целата оваа општествена а пред се здравствена криза која го потресе целиот свет.

Жан Митрев: ЛИДЕРСТВО ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА – Најголема опасност во време на криза, не е самата криза, туку тоа што реагираме со вчерашна логика – Питер Дракер

Пандемијата неповратно го измени нашето размислување за животот и нашите секојдневни приоритети. Дали некогаш повторно ќе се вратиме на некогашниот начин на живот и плановите за иднината?

Нормално е да не измачуваат овие егзистенцијални прашања, бидејќи сите ние сме луѓе и како такви сме сведоци на реакции на пандемијата на повеќе нивоа истовремено: во глобални рамки, на национално ниво, на локално, но и на лично во склоп на нашиот колектив или семејство.

Ако се потсетиме на ,,Чума” на Албер Ками напишана во 1947 во која тој зборува за животот во изолација за време на епидемијата на чума, сигурен сум дека егзистенцијализмот сега ќе добие сосема друга димензија.

Ликот на докторот во неа постојано кажува дека ја игра својата улога, како изговор за своите постапки. Но, од денешен аспект, ова нуди друга можност, а тоа не е оправдување за своите постапки, туку е поставување основа за да се биде автентичен во играњето на својата улога.

Јас не сум само доктор, јас сум сопственик на болницата, јас сум лидер. Мојата улога е повеќекратна и бара неминовно обединување и користење на различни способности.

Од тој аспект мора да се согласиме дека улогата на лидер некако ги вклучува сите.
Кога зборуваме за лидерите на бизнисите, нивната улога драматично се измени во изминатите неколку месеци. Пред корона, извршните директори и останатите менаџери беа фокусирани на усвојување иновации, зголемување на приходите и освојување поголеми удели од пазарот.

Денеска голем број од нив мора да донесуваат брзи одлуки со цел да се контролираат трошоците и да се задржи ликвидноста. Тие се принудени да совладуваат претходно непостоечки блокатори како промени во синџирите на испорака, десеткување на своите тимови и оперативни предизвици кои драстично го менуваат фокусот на приоритети.

Истовремено самите тие и нивните вработени се соочуваат со здравствени и безбедносни грижи, работа од дома, но и поддршка на фамилиите во време на пандемија. Ова не е едноставна транзиција, преминување од една во друга улога, но со целото свое работно искуство применуваме некои принципи кои функционираат во кардиохирургијата а тоа е донесување брзи одлуки.

Јасно е дека вистинското лидерство не доаѓа до израз кога ,,бродот плови во мирни води” напротив. Вистинските jунаци, на мака се познаваат. Не постои упатство за употреба при криза бидејќи секоја има свои единствени карактеристики и бара различен пристап од било која претходно. Нема време за претходни подготовки.

Но она што не се менува е дека луѓето од тимот очекуваат од лидерот присебност и доверба. Лесно се пренесува паника, затоа мора да владеете со ситуацијата. Не смеете да реагирате емоционално, туку промислено.

Во време на криза ништо не е поважно од грижата за своите вработени. Треба да се ставите во нивна ситуација. Луѓето сакаат некој на кој ќе се потпрат, а не некој кого ќе треба да го тешат. Мора исто така да бидете позитивни и реални.

Тенка е линијата на баланс, хаосот треба да биде ставен под контрола. Ова вклучува брзо делегирање на задачи, бидејќи сите треба да бидат инволвирани. Исто така мора да се направи брза проценка на ризиците и да се донесе одлука во која насока би биле следните чекори.

Јасната и детална комуникација е од клучно значење. Треба сите да се информирани за новите цели и следни чекори. Звучи невозможно? Не е. Кинескот збор за криза содржи два знака, едниот означува опасност, а другиот можност.

Човек треба да остане позитивен, а тоа е реално една од работите кои е полесно да се кажат отколку да се направат. Овде не зборувам за слеп оптимизам туку едноставно да запомниме дека секоја криза поминува.

Не треба да ја избегнуваме или игнорираме, едноставно треба да ја употребиме како отскочна даска за понатамошни промени. Кризата е секогаш шанса за да преземете одговорност и да направите подобро.

На следниов линк можете да го прочитате целиот текст ОВДЕ.

Loading...