Рецепт и видео презентација на Алмира од Готви и Печи – Агдали колач со ореви.

Аааааа ова задолжително да го пробате! Колачот е толку сочен и вкусен! Топло ви го препорачувам да го пробате, нема да се покаете. Се мати за 3 минути и се пече за 25 минути.

Додека да полиете ви се потребни само неколку минути и ете ви колач за половина час. Се мери со лажица, па не мора да вагате ништо. Во шербетот може да додадете и малку лимонов сок доколку сакате.

Колачот е без брашно, а се става само гриз. Колачот го печев во плех 19х32 см, а се печеше 25 минути во загреана рерна на 180 степени. Шербетот не мора да се вари, доволно е да се промеша шеќерот за да се растопи и да се прелие врелиот колач.

Потребни состојки:

5 јајца
9 лажици масло
9 лажици шеќер
9 лажици млеко
9 лажици гриз
12 лажици мелени ореви
½ кесичка прашок за печиво

за шербет:

3 шолји шеќер (од 200 мл)
3 ½ шолја вода

Постапка:

Пенасто изматете пет јајца со постепено додавање на шеќерот за да може тој убаво да се растопи. Потоа додадете масло и млеко. Кратко изматете, а потоа додадете ги сувите состојки:

Половина кесичка прашок за печиво, гриз и повторно кратко изматете и на крај додадете ги оревите. По желба може да додадете рендана кора од лимон или портокал – кој сака, не мора. Убаво изматете уште малку за да се соедини.

Плех со димензии 19х32 см (или приближно) намастете го масло и наросете малку брашно (вишокот истресете го). Излејте ја приготвената смеса. Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, па колачот ставете го да се пече кога убаво ќе се загрее и печете го 25 минути.

За тоа време, пригответе го шербетот, односно, измешајте ги водата и шеќерот и само мешајте ги додека тој да се растопи. Не треба да се вари. Врелиот колач внимателно исечете го и прелијте го со ладниот сируп. Оставете го колачот добро да излади и послужете го. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото: