Ако колачињата ги исечете со модли во облик на срце и ги потопите во чоколадо, ова дефинитивно станува “полуситен колач” кој без размислување треба да го запишете во овогодинешниот список на новогодишни колачиња.

Потребни состојки:

(Мерата е чаша од 200 мл)

1 1/2 чаша брашно

1 чаша шеќер

1 1/2 чаша млеко

3 лажици масло

5 лажици џем од кајсии

1 лажица сода бикарбона

1 лажица додаток за меденици од Dr. Oetker

За фил:

5 лажици џем од кајсија

100 г рендано чоколадо за готвење

За глазура:

150 г црно чоколадо

3 лажици масло

Постапка:

Во еден сад измешајте ги сите суви состојки, па постепено со миксање додадете млеко, масло и џем.

Добиената смеса која е доста ретка излејте ја во мерен сад за полесно да ја поделите на два еднакви дела.

Би требало да добиете 800 мл смеса.

Во намастен и побрашнет плех излејте поливина од смесата и печете на 175°C 15 минути. Извадете од рерна па веднаш внимателно премачкајте со џем и рамномерно наросете со рендано чоколадо.

Излејте го и вториот дел од смесата па вратете во рерна и печете уште 30 минути. 

Печениот колач изладете го, сечете со калапче во облик на срце, натопувајте во чоколадна глазура и оставете да се стегне.

Остатоците после сечењето на срцата искористете ги така што ќе ги изроните ситно, ќе додадете две лажици рум, па ќе направите мали топчиња со влажни раце и ќе ги валкате во чоколадо, а по желба ќе ги украсите.

recipeci.com