Едноставен и многу вкусен колач – пита со јаболка, што нема шанси да не ви се допадне. Баба ми ми покажа како најдобро се комбинираат вкусните јаболка со пуфнасто тесто, а нејзиниот рецепт е толку едноставен и лесен, што питава можете да ја приготвувате секој ден. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 20 г свеж квасец (1/2 коцка), 3 супени лажици брашно + 500 г брашно, 300 мл млако млеко, 1 супена лажица шеќер, 45 г скроб/нишесте/густин, 1 кесичка ванилин шеќер (12 г), 1 прстофат сол, 1 јајце, масло, 2-3 јаболка, 1 супена лажица цимет, 70 г путер, 150 г кафеав шеќер (може и бел)




ПОСТАПКА: Во еден сад изронете го квасецот (20 г), а потоа додајте го млакото/топло млеко (300 мл), една супена лажица шеќер и три супени лажици брашно. Изматете ја добро смесата за да се растворат состојките и да нема грутчиња.




Покријте го и оставете го на топло место да стасува 10-тина минути. Во активираниот квасец додајте едно јајце отстојано на собна температура, 45 г скроб, 12 г ванилин шеќер, 500 г брашно и прстофат сол.




Доколку имате миксер за тесто, вклучете го да ги измеси состојките, а доколку немате, тогаш замесете го рачно. За рачно месење на тестото, брашното се додава постепено. Најпрво се меша со лажица додека да се впијат течните состојки, а потоа се замесува со рака и се додава остатокот од брашното.




Тестото треба да биде средно меко, еластично и да се одвојува од ѕидовите на садот. Покријте го и оставете го да стасува половина час во топла просторија без провев, додека убаво да ферментира и да го удвои волуменот. Ако просторијата не е многу топла, тогаш оставете го да ферментира подолго или ставете го во рерна загреана на 50 степени.




За тоа време излупете две три-јаболка и исечете ги на тенки плочки. За да не потемнуваат можете да ги наросите со малку лимонов сок. Стасаното тесто истресете го врз набрашнета работна површина и без да го премесувате веднаш развлечете го со оклагија.




За да не ви лепи оклагијата валајте ја во брашно. Развлечете не многу тенка, правоаголна кора. Кората пресечете ја на 6 ленти, а преку цела кора премачкјате ја со 70 г омекнат путер. Одозгора наросете 150 г кафеав шеќер (може и обичен). Врз шеќерот наросете и една лажица цимет или по вкус.




Огноотпорниот сад во кој ќе ја печете питата намастете го на дното и на ѕидовите. Потоа врз лентите тесто наредете тенки плочки од јаболка, па внимателно започнете да виткате во ролат. Ролатите редете ги во намастениот калап.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути, додека убаво да зарумени. Додека се пече, цела куќа ќе ви замириса неодоливо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.