Ќе ви претставиме два рецепти за овие убави колачи кои се топат во уста. Првиот рецепт е еден од најомилените на читателите на НМД и се подготвува со 4 јајца, а вториот рецепт е на нашата драга членка Гордана Горде која го презентираше во групата НМД рецепти и се состои од 8 јајца. И двата рецепти се одлични.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1): 4 јајца, 150 г шеќер, 200 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г). ЗА ФИЛ: 600 мл млеко, 2 кесички пудинг со вкус на ванила, 150 г маргарин или путер, 3 супени лажици шеќер, 1 лажица ванилин екстракт. И УШТЕ: какао или растопено чоколадо




ПОСТАПКА: Одвојте ги белките и жолчките во посебни садови. Белките пенасто изматете ги, па започнете малку по малку да го додавате шеќерот. Матете непрекинато додека тој да се растопи и да добиете цврст снег кој не паѓа од садот кога ќе го превртите.




Потоа во снегот започнете да ги додавате жолчките, една по една. Кога едната ќе се инкорпорира во снегот, потоа додајте ја следната додека постојано матите. Ба овој начин се сочувува пенливоста на смесата која и натаму останува кремаста.




Брашното помешајте го со прашокот за печиво, па додајте го во изматените јајца, најдобро просеано. Овојпат миксерот не ви треба. Промешајте со лажица или шпатула но внимателно, со превртување од долу кон горе.




Смесата сместете ја во слаткарска кеса или обична кеса за замрзнувач на која ќе и го отсечете едниот агол, па ќе ги истиснувате долгнавестите колачиња во плех обложен со хартија за печење. Печете ги 5 минути во претходно загреана рерна на 200 степени. Уште додека се топли премачкувајте ги со филот и лепете ги по две, како сендвич.




Од остатокот од филот во кој сте додале какао или растопено чоколадо, правете декорации со помош на шприц. ЗА ФИЛ: Пудингот пригответе го на вообичаен начин, со 600 мл млеко (најпрво разматете го малку ладно млеко за да нема грутчиња, а остатокот ставете го на оган заедно со шеќерот. Кога ќе зоврие додајте ја смесата со непрекинато мешање додека да згусне).




Сварениот пудинг оставете го настрана да се олади со повремено промешување за да не фати коричка, или пак покријте го со проѕирна фолија. Путерот или маргаринот омекнат на собна температура изматете го пенасто, па додајте го изладениот пудинг заедно со екстракт од ванила. Изматете со миксер додека да добиете нежен крем.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 2): 8 белки, 150 г шеќер, 8 жолчки, 100 г шеќер, 300 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г). ЗА ФИЛ: 1 литар млеко, 150 г шеќер, 200 г брашно, 250 г маргарин, 3 кесички ванилин шеќер (30 г)

Индијанки: Гордана Гроде




ПОСТАПКА: Во посебен сад се матат 8 белки со 150 г шеќер додека тој да се растопи и да се добие цврст снег. Во друг сад се матат 8 жолчки со 100 г шеќер додека тие да згуснат и побелат. Потоа со лажица се мешаат белките и жолчките. Во смесата се додава 300 г брашно помешано со една кесичка прашок за печење.

Индијанки: Гордана Гроде

Внимателно се промешува додека да се изедначи, а потоа со лажиче се црпи и се прават колачињата врз плех обложен со хартија за печење. Се печат во претходно загреана рерна на 180 или 200 степени околу 5-10 минути во зависност од рерната.




ЗА ФИЛ: Во 1 литар млеко се додава 150 г шеќер и 300 г брашно, па се мати да нема грутчиња. Се загрева и се вари додека да згусне како пудинг. Кога ќе се олади на собна температура се соединува со изматен маргарин и 3 кесички ванилин шеќер. Се одвојува еден дел кој се меша со какао или растопено чоколадо за да го добиете кафеавиот дел за декорација. Се лепат една со друга и одозгора се филуваат со шприц.