„Уплакано момче“ е слика на италијанскиот сликар Бруно Амадио познат и по името Џовани Браголин, која била масовно дистрибуирана ширум светот во 50-тите години, а потоа имало уште еден бран во 70-тите и 80-тите години од минатиот век, а постоеле повеќе различни варијации на тема – уплакани момчиња и девојчиња.
Амадио бил школуван сликар, а работел во поствоена Венеција како сликар и реставратор, но исто така, изработувал и слики за туристи. Под името Џовани Браголин насликал најмалку 65 вакви слики кои биле дистрибуирани ширум светот.
За овој сликар и неговите слики кружи прилично бизарна урбана легенда која наведува дека сите што ја поседувале оваа слика доживеале некој вид на несреќа.
Наводно, Амадио бил фрустриран како уметник, па склопил пакт со ѓаволот за да постигне успех и популарност. Оттогаш сликал само уплакани деца од локалниот дом за сираци кој изгорел во пожар.
Во 1985 година британскиот the Sun објави сторија за еден пожарникар од Јоркшир, кој им раскажал дека бил сведок на поголем број пожари и дека во сите куќи кои изгореле во пожар – недопрена останувала токму сликата на уплаканото момче.
После оваа приказна, редакцијата на списанието the Sun започнала да добива мистериозни повици од луѓе кои имале слични искуства. Една од нив е Дора Ман од Лондон која напишала:
„Само шест месеци откако ја купив сликата, ми изгоре куќата. Сите мои работи беа уништени, освен сликата Уплаканото момче.“
И Роуз Фарингтон од Престон го споделила своето искуство со редакцијата на списанието. „Откако ја донесов сликата во својот дом 1959 година, го изгубив мажот и трите сина. Тоа е повеќе од случајност“ – напишала таа.
Како и да е, станува збор за урбана легенда кој и ден денешен ги инспирира луѓето и поттикнува на прашања. Наводно мистеријата е решена со објаснување дека сликите биле премачкани со лак кој е огноотпорен, но тоа не ги објаснува копиите кои го преживеале пожарот, како ни останатите бизарни несреќи…