Некои ја нарекуваат „Ледена пита“ или едноставно пита со пудинг, а доколку не сте ја пробале, задолжително направете ја, ќе бидете воодушевени од вкусот, многу потсетува на кремпита. Постапката за приготвување е многу едноставна, па со леснотија можат да ја направат и оние кои се тотални почетници во кујна.




Питата се приготвува со готови, тенки кори за баклава кои се филуваат со пудинг. Веројатно се прашувате дали пудингот ќе истече во текот на печењето. Одговорот е – Не! Уште поубаво се обликува и се стегнува, а корите поради преливот стануваат многу сочни и неодоливи. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 12 тенки кори за пита/баклава, 900 мл млеко, 3 кесички пудинг од ванила (120 г), 6 лажици шеќер или по вкус. ЗА СИРУП: 3 кесички ванилин шеќер, 400 мл вода, 20 рамни лажици шеќер. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 100 мл масло, 3 јајца, 3 лажици шеќер




ПОСТАПКА: Најпрво разматете го пудингот со шеќер и малку ладно млеко, а остатокот ставете го во тенџере на оган да зоврие. Штом зоврие намалете ја малку температурата и потргнете го тенџерето настрана, па додајте го разматениот пудинг.




Додавајте го во тенок млаз со непрекинато мешање, па вратете на оган и продолжете со варење додека да згусне, за неколку минути. Потоа сварениот пудинг тргнете го на страна и оставете го целосно да се олади со повремено промешување за да не фати коричка.




Корите поделете ги на 3 еднакви делови, значи по 4 кори во еден куп. Во посебен сад изматете ги пенасто јајцата со шеќерот додека тој да се растопи и јајцата да згуснат, па започнете постепено да го додавате маслото во тенок млаз. Ова е смесата со која се премачкуваат корите.




Редете: кора, па преку цела површина премачкјате ја со преливот од јајца (најдобро да користите кујнска четка или пак тенко наросувајте од високо со лажица за да се распореди подеднакво преку целата површина), кора – прелив, кора – прелив, кора – прелив – фил.




На едниот крај од потесната страна распоредете третина од оладениот пудинг. Пудингот ставајте го со лажица, само покрај ивицата на кората и не треба да го размачкувате преку површината. Внимателно свиткајте го ролатот и ставете го во намастен плех. Одберете некој плех кој собира три ролати.




Загрејте ја рерната на 200 степени, па откако добро ќе се загрее ставете ја питата да се пече околу 20 минути. За тоа време треба да се свари сирупот и да се остави да се олади. Доволно е да проврие 2-3 минути колку да се растопи целосно шеќерот, а потоа тргнете го настрана да се лади.




Кога питата ќе се испече извадете ја од рерната, оставете 2-3 минути да се подизлади, па додека сè уште е топла прелијте ја со млакиот сируп. Оставете ја вака да отстои додека корите да го впијат сирупот, а потоа ставете ја во фрижидер да се лади. Одозгора наросете со шеќер во прав, по желба. / Domaсireсeрti.net