Овој рецепт го користеле нашите баби уште многу одамна за да приготват многу вкусна и мазна кисела павлака. Павлаката е незаменлив дел од многу салати, јадења, колачи, но и како намаз за појадок.




Во продавниците не е баш најевтина, а со овој едноставен рецепт ќе направите поголема количина, а ќе биде далеку покремаста од купечката. Но, она што е најважно, домашната павлака е поздрава и не содржи никакви други додадени состојки и згуснувачи.




Доколку сте во можност да набавите домашно свежо млеко, тогаш направите кисела павлака со висок квалитет, но и доколку не сте можност, ќе послужи и купечкото млеко со повисок процент на млечни масти. Како основна мера ќе ви бидат потребни: 1 литар полномасно млеко и 2 супени лажици кисела павлака.




Киселата павлака која ќе ја користите како маја најдобро е да биде од добар квалитет со природни култури што ќе обезбеди сигурна ферментација на млекото. Киселењето на млекото токму најмногу зависи од квалитетот на мајата.




ПОСТАПКА: Сварете го млекото и оставете го да се лади. Кога ќе дојде на некоја температура кога без проблем ќе можете да го ставите прстот во него, значи околу 40-50 степени, додајте ја киселата павлака и добро промешајте за да се раствори.




За да отпочне ферментацијата потребно е млекото да биде млако-топло, ниту премногу топло, ниту ладно. Поклопете го тенџерето со капак и ставете го во рерна која сте ја загреале на 50 степени. Порано тенџерињата ги завиткувале во топли ќебиња и ги оставале во топли простории, но во денешно време доволно е да ја загреете рерната на 50 степени.




Вака тенџерето оставете го околу два часа. Потоа проверете го и доколку се формирало во кисела павлака, значи ферментацијата е завршена, а доколку ви се чини дека ја нема потребната густина, оставете го на топло да отстои уште час-два.




Потоа оставете го во фрижидер да отстои цела ноќ. Следниот ден наместо капак врз тенџерето поставете густа газа или платно, па превртете го така што содржината ќе остане на газата. потоа соберете ги краевите од ткаенината, врзете ги и оставете вака да се цеди врз тенџерето.




Павлаката е готова кога од ткаенината ќе престане да капе, односно ќе нема повеќе ниедна капка. Павлаката префрлете ја во посебен сад, малку посолете, промешајте и вратете во фрижидер на чување. Од еден литар млеко излегуваат приближно 400 г кисела павлака. / Сооlinarika.com