Речиси и нема домаќинство кое не го приготвува овој брз колач. Навистина многу брзо се приготвува, па зато и го добил името „Брзи Гонзалес“ по популарниот лик од цртаните филмови. Ќе ви претставиме 2 рецепти кои се приготвуваат со кокос:

РЕЦЕПТ 1: Овој колач навистина брзо се приготвува, не е потребна голема умешност: само се мешаат состојките и смесата се излева и се пече. Состојките се мерат со чаша од 300 мл, па така, имате спремен колач за само 5 минути. Сочен и вкусен, прелиен со чоколадна глазура (под пишаниот има и видео рецепт).




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша јогурт, 1 чаша млеко, 1 чаша масло, 2 чаши шеќер, 1 чаша кокос, 2 чаши брашно, 1 кесичка ванилин шеќер и 1 кесичка прашок за печиво. За глазура: 200 г чоколадо и 3 лажици масло

ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете една чаша густ јогурт на собна температура, додајте една чаша млеко и една чаша масло. Сите состојки се мерат со иста чаша.




Промешајте ги течните состојки, па додајте две чаши шеќер и една кесичка ванилин шеќер, па добро промешајте за да се растопи шеќерот. Не ви е потребен миксер, доволно е да се промеша со лажица, околу 1-2 минути.

Потоа додајте една чаша кокос, промешајте, па додајте две чаши брашно и една кесичка прашок за печиво. Добро промешајте за да се изедначат состојките и да добиете хомогена смеса.




Добиената смеса излејте ја во плех со средна величина, претходно добро намастен. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути. Печениот колач оставете малку да подизлади, па исечете го на коцки.

Одозгора прелијте го со чоколадна глазура: на тивок оган/ на пареа/микробранова печка растопете го искршеното чоколадо со 3 лажици масло. Постапката од приготвувањето можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ. Ппрочитајте го и вториот рецепт, кој сигурни сме дека ќе ве воодушеви:




РЕЦЕПТ 2 (на Бетјо): „Одамна не сум го направила. Кога бевме девојчиња овој колач ни беше омилен на сите другарки и сите го правевме уште додека бевме во нашите тинејџерски години.

Ни беше омилен за правење, а го јадевме уште неизладен. Па, листајќи го стариот тефтер наидов на него и одлучив да им го направам на моите деца. Тие беа воодушевени, а јас со вкусот на спомените од мојата младост…




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 12 лажици шеќер, 1 филџан (за кафе) масло, 1 филџан млеко, 15 лажици брашно, 1 прашок за печење, 100 г кокос. ЗА ПРЕЛИВ: 15 лажици вода, 15 лажици шеќер, 3 лажици какао, 1/4 коцка маргарин и 1 кесичка ванилин шеќер. Состојките се мерат со ист филџан за кафе




ПОСТАПКА: Јајцата и шеќерот убаво се матат додека да побелат. Потоа, постепено се додава млекото, маслото, брашното и прашокот за печење и на крај кокосот. Смесата се истура во плех бр.28 (или 30) и се става да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.




Во огноотпорен сад се ставаат сите состојки за преливот и на умерен оган со повремено мешање се растопуваат додека да се спојат во сјајна глазура. Смесата не смее да проврие зошто ќе го промени вкусот. Кога малку ќе подизлади колачот се сече на парчиња со големина по ваша желба и потоа се прелива со преливот. Преливот треба да навлезе помеѓу исечените делови.