Свекрва ми ме научи како да готвам, а неодамна ми го покажа рецептот за оваа превкусна торта. Се приготвува многу лесно и брзо, па оттогаш многу често ја правам, особено кога ми доаѓаат пријатели на кафе. Сите што ја пробаа беа воодушевени и веднаш ми побараа рецепт. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за крем): 2 јајца, 150 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г/1 супена лажица), 1 супена лажица скроб/нишесте/густин, 500 г цврст („грчки“) јогурт или кисела павлака, 50 г путер. ЗА БИСКВИТ: 260 г брашно, 50 г шеќер, 150 г путер. За декорација: рендано бело чоколадо
ПОСТАПКА: Во едно тенџере скршете две јајца, додајте 150 г шеќер (3/4 чаша), 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 1 полна супена лажица пченкарен скроб/нишесте, па со жица маталка добро соединете ги состојките додека смесата да се изедначи и измазни.
Во смесата додајте 500 г цврст јогурт и повторно промешајте за да се изедначи. Тенџерето ставете го на умерен оган и со непрекинато мешање згответе го кремот додека тој да згусне. Во топлиот крем додајте 50 г крем, па веднаш промешајте за тој да се растопи и инкорпорира во кремот.
Додека кремот се лади повремено промешувајте го за да не фати коричка или покријте го со проѕирна-стреч фолија. За тоа време пригответе го бисквитот: во еден сад ставете 2 чаши брашно (250 г) и додајте околу 1/3 чаша шеќер (50 г). Промешајте. Во оваа мешавина набрашнете ја коцката путер.
Набрашнетиот путер многу полесно се ренда. Со често набрашнување изрендајте го целиот путер, а потоа уште повеќе иситнете го низ прсти. На тој начин нема да се слепува, а ќе се соедини со брашното и шеќерот и повторно ќе се добие ситна гранулација.
Добиената мешавина ставете ја во тава и загревајте на умерена температура. Мешајте непрекинато додека да добие светло кафеава боја, како мелени кекси од какао. Регулирајте ја температурата и постојано мешајте.
Помал калап за торти со флексибилен обрач намастете го и обложете го со хартија на ѕидовите. На дното рамномерно распоредете половина од бисквитната смеса, па притиснете со лажицата за да се израмни. Одозгора распоредете половина од кремот и израмнете.
Врз кремот наросете го остатокот од бисквитната смеса, а врз неа втората половина од кремот. Најодозгора наросете рендано бело чоколадо. Тортата оставете ја два часа во фрижидер, убаво да се стегне пред послужување. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.