Ова е еден вид на фокача, тенко лепче кое е меко и воздушно како памук, но изобилува со медитерански вкус, па може да го приготвувате за појадок или вечера, а одлично е како закуска во кој било дел од денот.

Тестото е доста лепливо и не треба да се меси со раце, но затоа потребно повеќе пати да го стасувате по 15-тина минути. За да биде така меко и целото воздушесто исполнето со меури, ќе ви биде потребна една алатка – кујнска шпатула, со чија помош ќе го „диплите тестото“.




Значи, ги користите вашите прсти и шпатулата. Освен кромид и компир можете да ставите одозгора било што по ваш вкус: маслинки, пиперки, шери доматчиња, печурки… Но, да не должиме многу, погледнете како се приготвува ова превкусно печиво…




Потребни состојки: 500 г брашно (околу 4 чаши), 400 мл вода на собна температура (околу 2 чаши), 20 мл масло, 1/2 супена лажица сол, 2 лажички шеќер, 1/2 лажичка сув квасец. И уште: 1 компир, 1/2 главица кромид, масло и сол по потреба.




Постапка: Во еден подлабок сад ставете 500 г брашно, па додајте 2 г сув квасец и 2 лажички шеќер. Промешајте малку со рака или со лажица. Направете вдлабнување, па додајте 20 мл маслиново масло и 10 г сол. Повторно промешајте.




Потоа постепено започнете со додавање на 400 мл вода на собна температура. Може да мешате со рака, а може и со шпатула или лажица, како ви е полесно. На крај ќе добиете влажно тесто кое е доста лепливо за рака, но такво треба да биде. Покријте го со капак или фолија да одмори 10 минути.




Работната површина наросете ја со малку брашно, па истресете го тестото. Внимателно со прстите развлечете го во форма на правоаголник. Користете ги само прстите и повлекувајте со кратки потези, не заборавајте дека тестото е доста лепливо. Потоа земете ја шпатулата и започнете го „диплењето“.

Најпрво зафатете ја едната страна, па половината од праволаголникот превртете го кон средината, а потоа истото сторете го и со другата страна. Ќе добиете потенок правоаголник. Потоа со шпатулата зафатете ја едната страна и префрлете го тестото кон средината, повторете и од другата страна, така да добиете квадрат.




Погледнете го видеото на линкот кој е поставен на крајот од текстот, за да ви биде јасно како тоа изгледа. Вака „здипленото“ тесто вратете го во садот, поклопете го со капак или фолија, па оставете да одмори 15 минути. Оваа постапка на „диплење“ ќе биде потребно да се повтори уште двапати.




Значи 45 минути и трипати диплење, плус првите 10 минути одморање…потребно е речиси цел час за обработка на тестото кое потоа се остава цел ден во фрижидер. Но, почекајте да го видите крајот, навистина вреди. Значи, откако ќе одмори 15 минути, повторно истресете го тестото на малку набрашнета површина.




Повторно со шпатулата подбутнувајте го тестото од сите четири страни исто како да го диплите, па откако ќе го „спакувате“, вратете го во садот, покријте го и оставете го вторпат да одмори 15 минути. Третиот пат кога ќе истресете тестото повторно здиплете и вратете го садот кој претходно малку сте го намастиле со маслиново масло.

Затворете го садот со тестото и оставете го во фрижидер да „зрее“ 24 часа. Ова е многу важно и не го прескокнувајте овој чекор. Следниот ден можете да го печете: најпрво пригответе го плехот: намастете го со масло или пак обложете го со хартија која исто така, малку ќе ја намастите.

Истресете го тестото кое сè уште е меко и лепливо, па затоа користете ги прстите за да го развлечете колку што можете, односно до краевите на плехот. Треба да биде меко. Оставете го да одмори 1 час. Потоа намастете ги вашите дланки/прсти со масло и започнете да го „боцкате“ тестото.

Раширете ги прстите и правете вдлабнувања во него. Ќе забележите дека ќе започнуваат да се формираат меури во тестото, но така треба, бидејќи токму меурите го прават ова печиво толку меко и воздушесто. Овој метод е осмислен од светски познатиот италијански готвач Габриеле Бончи.

Одозгора прелијте маслиново масло. Излупете еден компир и исечкајте го на многу ситни коцкички (се пече половина час, па имајте во предвид дека и компирот треба да се испече за тоа време). Исто така, исечкајте и една главица кромид на лентички. Рамномерно наросете одозгора.

Посолете одозгора и зачинете со црн пипер. Може да користите и зачини или зеленчук по ваш избор и вкус. Рерната загрејте ја на максималната температура. Ставете ја „фокачата“ да се пече и веднаш намалете ја температурата на 200 степени. Печете 25-30 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.