Брза торта од слатка и кисела павлака со лешници и ореви, само матете и редете. Еден од најдобрите рецепти за бела, снежна торта, мојата омилена, која не се пече и се прави навистина брзо. Во продолжение може да прочитате уште еден рецепт за Павлова торта со целуфки (пуслици).
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл течна павлака за шлаг, 500 мл кисела павлака, 150 г шеќер, 150 г чоколадо, 10 парчиња бисквити, мелени, малку дробени лешници, ореви, бадеми, а можете само ореви или по ваш вкус.
ПОСТАПКА: Изматете го шлагот. Додајте кисела павлака и шеќер, па добро изматете со миксер. Растопете го чоколадото на пареа. Во калап ставете 1/3 од смесата, наросете ½ мелени бисквити, лешници, ореви и бадеми, па прелијте со половина од чоколадото.
Повторно ставете од смесата со шлаг, па повторете ја постапката со бисквитите, лешниците и чоколадото. Одозгора ставете ја преостанатата смеса. Оставете преку ноќ да се замрзне. Пред послужување извадете ја 15-тина минути за полесно да се сече. Послужете со чоколаден прелив, прелив од вишни или нешто по сопствен избор.
ПАВЛОВА ТОРТА: снежно бела за сите љубители на целуфки Фото и рецепти на Елена Мишковска и Снежанка Жанче. ЗА КОРАТА, ОСНОВЕН РЕЦЕПТ: 5 белки, 1 прстофат сол, 200 г шеќер, 1 лажица густин/нишесте/скроб, 1 лажица ал-кохолна киселина или лимонов сок.
ПОСТАПКА: Белките се матат пенасто со прстофат сол, се додава шеќерот кога ќе добиеме цврст шлаг кој не паѓа, се додава лимоновиот сок и нишестето, но сега се меша со шпатула или дрвена лажица.
За ова време рерната ја вклучуваме на 130 степени да биде веќе загреана кога ќе завршиме со матење. На претходно обликувана хартија за печење (сечеме поголем круг), ги нанесуваме изматените белки и се оставаат нерамнини (да остане неизрамнето).
Ги ставаме во рерна на сушење 90 минути за кое време рерната не треба да се отвора. По изминатото време ја отвораме рерната и оставаме да се излади кората внатре. На добро изладената кора се нанесува кремот, без измазнување.
ЗА КРЕМ: 5 жолчки, 6 лажици шеќер во прав, 500 мл слатка павлака за шлаг. ПОСТАПКА: 5 жолчки изматени со 6 лажици шеќер во прав се матат на пареа додека да згуснат, околу 15 минути, па кога ќе изладат се соединуваат со претходно изматената слатка павлака.
Убаво се изедначува и нанесува врз кората. Декорацијата со јагоди се прави непосредно пред послужување. Фото и рецепт: Елена Мишковска (Павлова торта со јагоди) Фото: Снежанка Жанче (Павлова снежна торта со пуслици) За снежната торта дополнително се прават пуслици и рафаело топчиња, па се декорира одозгора.