За љубителите на чоколадото овој колач е чисто совршенство. Воопшто не е „тежок“, вкупно содржи 300 г чоколадо, но резултатот што се добива е магичен. Постапката за приготвување е многу лесна и брза, па затоа запишете си го овој рецепт. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за бисквит): 100 г шеќер, 200 г путер/маргарин, 100 г чоколадо за готвење, 4 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 4 јајца.




ЗА ПРЕЛИВ: 200 г чоколадо за готвење (или нутела), 500 мл слатка павлака, 1 лажица шеќер. СОВЕТ: Употребете поквалитетно чоколадо за да ви биде колачот уште повкусен.




ПОСТАПКА: Одвојте ги жолчките од белките во посебни садови. Снегот изматете го во цврст снег. Жолчките изматете ги со шеќерот додека да побелат и да згуснат, па додајте го полурастопениот и разладен путер и растопеното чоколадо. Промешајте додека смесата да се изедначи.




Потоа додајте го брашното помешано со прашок за печиво, промешајте и изедначете, и на крај внимателно додајте го снегот од белки (белките измешајте ги полека и внимателно со лажица за да остане смесата пенлива).




Добиената смеса рамномерно распоредете ја во претходно намастен и набрашнет плех со димензии 20х35 см или калап за торти. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20 минути (проверете со чепкалка).




Печениот бисквит избоцкајте го со виљушка и тргнете го на страна малку да се подизлади додека го приготвувате преливот. За фил: слатката павлака загрејте со шеќерот на тивко (не смее да зоврие), тргнете на страна па додајте го искршеното чоколадо и мешајте додека да се растопи.




Преливот е доста редок, но нема потреба да се микса или да се додава нешто што друго за згуснување, затоа што кога ќе излади, ќе се стегне и ќе стане како крем.




Колачот најпрво треба да се олади на собна температура, а дури потоа да се стави во фрижидер најмалку 5 часа, за добро да се излади и да се стегне. Најдобро е да го оставите преку цела ноќ во фрижидер. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.