Рецепт на Катарина. Тортата потсетува на принцес колач, само што е далеку многу поубав, а се приготвува од речиси исти состојки и на сличен начин. Состојките веројатно веќе ги имате дома, па запишете си го рецептот. Ова е торта-колач кој редовно и често ќе го правите.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто: 1 чаша вода (200 мл), 1 прстофат сол, 100 г путер, 1 чаша брашно (140 г). ЗА КРЕМ: 2 јајца, 120 г шеќер, 60 г скроб/нишесте/густин, 500 мл млеко. И уште за тестото: 4 јајца. И уште за кремот: 160 г путер и 5 г ванилин шеќер




ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете 200 мл вода, прстофат сол и 100 г путер. Ставете на оган додека да зоврие и путерот да се растопи. Потоа намалете ја температурата и додајте 140 г брашно. Мешајте додека брашното да се впие целосно во течноста и да се добие компактно тесто.




Тоа на крај треба да формира еден вид „топка“, како густо „компир пире“ кое се одвојува од ѕидовите на тенџерето. Тргнете го од оган, па префрлете го во друг сад, распоредете го на дното во тенок слој за да може побрзо да се олади и одозгора прекријте го со проѕирна-стреч фолија.




Веднаш потоа започнете да го приготвувате филот: Во едно тенџере скршете две јајца и додајте 120 г шеќер. Изматете со жица-маталка, па додајте 60 г скроб/нишесте. промешајте убаво додека да добиете убава, комапктна и мазна смеса без грутчиња.




Во изматените јајца додајте половина литар млеко, па промешајте убаво додека да се раствори. Потоа тенџерето ставете го на умерен оган и загревате на средна температура. Сварете го кремот со непрекинато мешање (може многу лесно да загори) додека да згусне.




И сварениот крем претурете го во друг сад и покријте го одозгора со проѕирна фолија за да фати коричка. Оставете го целосно да се олади. По изведно време проверете дали тестото се изладило. Треба да биде на собна температура или минимално млако на допир.




Промешајте го малку со шпатулата, па започнете да ги додавате јајцата, едно по едно. Најпрво додајте само едно јајце, па мешајте додека тоа целосно да се инкорпорира во тестото. Ќе ви се чини малку необично на почетокот, но после 2-3 минути мешање јајцето ќе се впие. Дури потоа додајте го второто јајце.




Постапката повторете ја со сите четири јајца. Доколку имате миксер за тесто, може да го употребите и да ја скратите постапката за месење при додавањето на јајцата. На крај ќе добиете меко и светло тесто кое одокативно треба да го поделите на два дела, за две кори.




Половина од смесата рамномерно распоредете на дното од калап обложен со хартија за печење и пречник на флексибилниот обрач од 18 см. Ова е помал калап, а за поголем од 26-28 см удвојте ги состојките. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути.




Печената кора извадете ја да се лади, а постапката повторете ја и со вториот дел од тестото, па испечете уште една кора. Печените кори оставете ги да се оладат. За тоа време проверете дали сварениот крем се оладил (треба да биде на собна температура), па постепено додавајте го омекнатиот путер, вкуспно 160 г (исто на собна температура), па со миксер пенасто изматете додека да се соединат во нежен и мазен крем.

На крај додајте и малку ванила, па промешајте да се изедначи. РЕДЕЊЕ: врз изладената кора поставете обрач со обложени страници, па излејте го внатре подготвениот крем. Распоредете рамномерно, па израмнете. Одозгора ставете ја втората кора, нежно поклопете па оставете ја тортата да се лади во фрижидер најмалку 4 часа.

Потоа отстранете го обрачот, одозгора наросете шеќер во прав, сечете и послужете. На здравје сладење! Деталите од подготовката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.