ПОТКОВИЦИ СО ОРЕВИ: ги знаеме уште кога бевме деца, ровки и вкусни, излегуваат 2 плеха и стојат долго. Овие колачи будат спомени од баба ми, село, снег и мирис на ореви додека се печат. Додека ги правам се полнам со емоции од минатото, полна куќа и семејството заедно.
Сега се некои други времиња, но колачите се тука на нашата маса за да ве потсетат на минатите времиња полни со љубов. Се надевам дека ќе ви помогнам да се сетите на нив и на сè она што беше убаво.
Потребни состојки: 300 г брашно, 100 г мелени ореви/лешници, 80 г шеќер во прав, 200 г путер претходно отстојан на собна температура и 1 кесичка ванилин шеќер или 18 г.
Колачите се подготвуваат многу едноставно, а постапката проследете ја во продолжение.
Постапка: Се замесува тесто кое не се чека да отстои. Во еден сад ставете го брашното и додајте ги мелените ореви или лешници. Многу се убави со што и да ги одберете, но јас повеќе ги сакам со ореви. Додајте го шеќерот во прав и измешајте се заедно.
Потоа во смесата од суви состојки се додава омекнатиот путер, кој претходно отстојал на собна температура и на крај додајте 1 кесичка ванилин шеќер. Убаво замесете го тестото да не се распаѓа, а ако е премногу суво додајте 1 белка од јајце во него, што ќе го направи уште поубаво.
Тестото не се чека да отстои туку од него може веднаш да црпите и да обликувате потковици. Може да ги обликувате со рака или со специјална модла. Јас ги правам по старински рецепт и ги обликував со рака. За да ви биде полесно и да знаете колку отприлика црпите од смесата може да си вадите со лажичка.
Тестото го виткате помеѓу рацете како пластелин и формирате валјак. Потоа тој валјак го накривувате како потковица. Вака подготвените колачи ги редите во плех обложен со хартија за печење малку оддалечени едни од други.
Тие не растат при печењето, но сепак не ги доближувајте премногу за да не се залепат. Јас колачињата ги сакам кога ги правам многу мали. И мене ми се многу поубави со ореви, бидејќи при печење цела куќа мириса на нив.
Исто така можат да стојат долго во кутија, и до неколку денови. Колачињата се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 10-15 минути, треба да останат бели. Мене ми излегоа 2 големи плеха од овие колачиња и мислам дека е доволно.
Додека се уште топли, ги валкам во шеќер во прав измешан со 1 лажичка шеќер и ги редам во чинија малку да се подоладат. Потоа се послужуваат, а ако не се изедат сите складирајте ги во кутија за колачи и така можат да ви стојат долго време. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.