Питата останува свежа и наредниот ден, така да може да си обезбедите појадок за наредниот ден. Иако питата се приготвува без јајца, јогурт, кисело млеко или сирење, вкусот е неодолив и со сигурност ќе уживате во него. Базата на оваа пита е пченкарно брашно измешано со пченично брашно и ориз.




За оризот потребни се 2-3 мали шолји за кафе. Потребни ви се неколку кисели краставички и веќе подготвена зимница за претстојните посни денови. Но, доколку не сте ја подготвиле овогодишната зимница, може да искористите неколку моркови од тегла, домати, лути и благи пиперки или праз.




Се разликува од стандардната царска или шпанска пита и според мене многу е повкусна иако не содржи ниту јајца ниту млеко. Затоа, не го пропуштајте овој рецепт, без разлика дали постите или не.




Потребни состојки: 500 мл газирана вода, 200 мл масло, 2 лажички сол, 2 филџани за кафе пченкарно брашно, 1 филџан пченично брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 3 филцани варен ориз, 5 кисели краставички, 3 кисели пиперки, 2 кисели моркови, зачини по свој вкус и 2-3 полни лажици лутеница/ајвар/зеленчукова зимница.




Постапка: Киселите краставички, пиперките и морковите исечкајте ги на ситни коцкички. Во подлабок сад ставете две чаши минерална/газирана вода (500 мл), потоа додајте една чаша масло, 2 рамни лажички сол, 2 полни филџани за кафе пченкарно брашно и 1 филџан бело брашно.




Добро изматете со маталка за да се соединат и изедначат состојките, па додајте и една кесичка прашок за печиво. Во смесата која ќе ја добиете (а треба да биде погуста од онаа за палачинки), додавајте ги по пред сечканите состојки: краставички, морковите, пиперките (не ги цедете од течностите).




Во оваа смеса додајте и 2-3 полни лажици лутеница или некоја зеленчукова салата од зимница која ви се наоѓа по дома. Промешајте добро за да се изедначат состојките и додајте го претходно варениот ориз. Вака приготвената смеса излејте ја во плех претходно намастен и наросен со брашно.




Рамномерно распоредете и израмнете. Рерната загрејте ја на 200 степени, ставете ја питата да се пече околу 30-35 минути или во зависност од вашата рерна (прверете со чепкалка). Кога е печена питата малку се одвојува од страните. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.




II РЕЦЕПТ. Сепак доколку се одлучите на мрсна варијанта, тогаш може да го пробате следниов рецепт. ЦАРСКА ПОГАЧА – Многу вкусна, за ручек или свечена пригода. Фотографија и рецепт на Зорка Јанчева.




Потребни состојки: 4 јајца, 1 чаша (од 250 мл) масло, 1 чаша јогурт, 2 чаши брашно, 1 прашок за печиво, 200 г шунка, 200 г сирење, 200 г кисели пиперки, 200 г кисели краставички, 150 г кашкавал.




Постапка: Сите состојки се дробат ситно. Јајцата се матат со миксер, а потоа се додава брашното со прашок за печиво и добро се промешува со лажица за да нема грутчиња. Во смесата се додаваат сите исечкани состојки, се промешува за да се изедначи и се излева во намастена тава бр.30.

Се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути или се проверува со чепкалка. Ако се лепи на чепкалката и ако погачата не е убаво печена, оставете уште некој минута да се допече. Фотографија и рецепт на Зорка Јанчева

Фото и рецепт: Зорка Јанчева