Оваа пита е толку многу вкусна што почесто ќе ја правам. Филот може да се прави на најразличен начин, но мене оваа со кисели пиперки и краставички ми е омилена. Покрај тоа, оваа година направив многу зимница, па од туршијата сега ги користам пиперките за пити и други јадења.
Се прави толку лесно и едноставно и со готови кори од кои ќе ви бидат потребни само 9. Потоа се спрема прелив кој личи на палачинки за да се прелива низ корите и фил од кисели пиперки и краставички. Оваа пита е многу вкусна и згодна за секакви пригоди.
Потребни состојки: 1 пакување кори за пита (9 кори за три ролати), 2 јајца, 15 г квасец, 100 мл млеко и 1 лажица шеќер. Уште 70 мл млеко, 100 мл масло, 100 г брашно, 50 г гриз и сол по вкус. За фил: 250 г фета сирење, 1 кисела поголема пиперка, 1 јајце и 3 кисели краставички.
Постапка: Во помал сад ставете го квасецот заедно со млекото (100 мл) отстојано на собна температура. Додајте 1 лажичка шеќер, промешајте и почекајте да набубри. Во подлабок сад скршете ги јајцата исто така претходно отстојани на собна температура и во нив додајте го преостанатото 70 мл млеко.
Морам да напоменам дека во правилниот рецепт оди 300 мл млеко вкупно, но јас ставив помалку бидејќи правам помала количина. Додајте го маслото и брашното и гризот. Добро измешајте за да нема грутки и посолете по вкус.
Иако може да ви се чини како да има премногу масло, оваа пита треба да излезе помасна, а притоа нема да биде нешто многу мрсна бидејќи овој прелив се премачкува на корите. Доколку во преливот има грутки од брашното може да додадете повеќе млеко.
Исто така, доколку немате гриз може да ставите 150 г брашно. Измешајте убаво и потоа преливот тргнете го настрана и започнете да го подготвувате филот. Во еден сад ставете го фета сирењето и 1 јајце. Добро измешајте со виљушка, но не го гмечете целосно сирењето туку оставете да има по некое покрупно парче.
Во овој фил се додаваат исечканата кисела пиперка и кисели краставички на коцки. Се соединува убаво. Земете една кора и ставете ја на работна површина. Премачкајте ја кората со преливот, па одозгора ставете втора и трета и двете премачкајте ги со преливот и подеднакво распоредете.
Потоа во еден ред додајте од филот и кората завиткајте ја во ролат онаму каде што ви почнува филот оставајќи малку простор на почетокот. Вака подготвениот ролат се става во плех и се прават уште 2 вакви исти ролати. Доколку сакате да направите поголема количина потребно е да направите повеќе фил и ќе ви требаат повеќе кори.
Питите се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 50-тина минути. Потоа се оставаат да изладат под крпа, па се сечат на помали питички. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.