Најубавиот зимски специјалитет кој одлично оди со црно вино. „Пржен праз со месо и везени суви пиперки, одозгора се поросува со лут буковец. Многу вкусно.” Фотографија и рецепт на Виолета Јовеска Никчевска.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг свинско месо исечкано на коцки, 3 страка сечкан праз, 7-8 суви пиперки, 1 лажица свинска маст, 30 мл масло, сол, црн пипер и зачини по вкус
Во убаво подлабоко тавче се загрева маста со маслото. Се додава месото и се пропржува околу половина час да фати убава боичка. Се вади месото во друг сад, а во истото масло се пропржуваат околу 5 минути сувите пиперки исечени на покрупно.
И тие се вадат настрана. Потоа се пропржува празот околу 5-7 минути, па се враќаат назад месото и пиперките. Се остава да динста не повеќе од 10 минути, за да се спојат вкусовите. Зачинете по вкус. Можете да го приготвите и со додавање на сечкана туршија според рецептот на Елизабета кој можете да го прочитате подолу:
Месо со праз и жива туршија (пиперки) – Ова јадење го правеа баба ми и дедо ми секоја година во периодот околу 29 ноември. Се приготвуваше во огромно тенџере, за целата поблиска фамилија (децата и внуците), а секако на трпезата ќе се придружеше и некој од соседите привлечен од примамливата миризба.
Секако, ова превкусно јадење може да се приготви во помала количина, во било кој дел од годината, но најубаво е зимно време. Доволно е само да го почувствувате мирисот, за да се вратите во детството…
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300-350 г чисто свинско месо, 2 страка праз со средна големина, 4-5 пиперки од жива туршија (или свежи, или суви везени), 2-3 лажици маст или масло и сол по вкус.
ПОСТАПКА: Месото исечкајте го на парчиња со величина на еден залак. Исечкајте ги пиперките и празот на поголеми парчиња, не треба да бидат премногу ситни.
1.Начин: Запржете го месото на маста додека убаво да зарумени и фати коричка. Потоа додадете го празот и пржете уште неколку минути со повремено мешање за да омекне празот.
Со свежи пиперки: Кога празот напола е готов, додадете ги пиперките, посолете по вкус и пржете ги заедно додека да бидат готови. Со кисели пиперки: Киселите пиперки од туршија се додаваат на самиот крај кога празот е готов, бидејќи тие не треба многу да се пржат.
2.Начин: Исто така, можете прво да го испржите месото, па да го извадите и во истата маснотија да го пропржите празот, па да ги додадете пиперките и на самиот крај да го вратите месото за да се помешаат вкусовите.
Се послужува топло со тазе печен леб од фурна. Со јадењето може да послужите туршија, но нема да ви потребно ако сте користеле кисели пиперки. Може да послужите со чаша добра македонска греана ракија.